Ненаучена лекција – начело на поделба на власта
6 мај 2025Треба да го почитуваме начелото на поделба на власта и партиите треба да се држат настрана. Ова беше дел од одговорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на новинарско прашање, за изјавата на лидерот на ДУИ, дека ако поранешниот министер за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тие ќе излезат на протести што може да заврши само со предвремени парламентарни избори.
Таа рече дека за разлика од Ахмети ќе ги мери зборовите, бидејќи не сака да се меша во судската власт.
„Меѓутоа знаете што - сите, па и господинот Ахмети и ДУИ многупати се повикувале на независноста на судската власт, меѓутоа ваквиот говор всушност значи притисок врз судската власт. Не сакам да давам оценка на квалфикацијата, веројатно е момент на слабост или не сакам да речам момент на искреност, но верувам дека 30 години потоа, а особено и ДУИ 20 години во власта потоа, треба да го почитуваме начелото на поделба на власта. И партиите треба да се држат настрана. Јас многу пати сум рекла, дека често пати за нас велат дека не може да се направи разлика меѓу тенката линија - каде завршуваат партиите, а каде почнуваат државните институции“, рече претседателката.
ДУИ со нови критики за Устаниот суд
Случајот со Бектеши не е единствен повод за реакција од ДУИ. Партијата се јави со реакција и откако претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски најави дека подготвителната седница за Законот за јазиците е закажана за идниот месец, а одлука може да се очекува по изборите.
„На 19-ти јуни ќе организираме подготвителната седница, по неа ќе ни требаат до два месеци да се подготви нов реферат и да се сублимираат сите мислења на сите учесници. Моја проценка е дека конечната улога ќе биде донесена после изборите", рече Костадиновски на ТВ 24.
Тој потсети дека поради трагедијата во Кочани, Судот еднаш ја одложи седницата, а според негова проценка после локалните избори наесен може да има одлука на Судот.
„Да не се случеше трагедијата, подготвителната седница ќе беше веќе завршена, и за во јуни некаде природно би дошло носењето на одлуката. После подготвителната седница ќе ни требаат месец и пол-два, за да се подготви нов реферат, за да се сублимираат сите мислења на сите учесници", објасни претседателот на Уставниот суд.
По ова ДУИ обвини дека Уставниот суд делува како параполитички продолжеток на актуелната власт, бидејќи, не само што ја напуштил неговата мисија како независна институција, туку се претворил во инструмент на власта за рушење на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор.
„Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор. Гласовите кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин“, наведе партијата.
Во контекст на тоа, оттаму додаваат дека претстојните избори повеќе не се само политички избори, туку референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката во која ќе се движи државата.
Граѓаните да бидат спокојни
Запрашана за ваквите обвинувања, претседателката на државата рече дека обратно го гледа тоа.
„Обратно јас го гледам тоа. Тој сака да ја избегне опасноста од политизација на прашањето, што редовно се случува пред сите избори Мислам дека сака да ги остави локалните избори да протечат во мир, а по завршувањето на изборите да можат на мир да решат“, рече претседателката.
Претходно, претседателот на Уставниот суд порача дека граѓаните треба да бидат спокојни и да не веруваат на политички манипулации, бидејќи Уставниот суд е тој кој го штити Уставот.
„На што се темели историската недоверба во институциите на системот? На недостатокот на владење на правото. А што е владењето на правото? Тоа е состојба на уставност. А состојбата на уставност која штити? Уставниот суд. Затоа од нашето постапување никој, ама баш никој не треба да стравува, не треба да трепери општеството какво одлука ќе донесеме“, рече Костадиновски.
Според претседателката не смее однапред да се предвидува како ќе одлучи Уставниот суд, од истите причини како и за редовниот суд. „Уставниот суд не е дел од редовното судство, ние го нарекуваме четврта власт, но може да има клучна улога во демократските процеси. Зошто? За да може да биде органот којшто ќе гледа дали спрегите и кочниците меѓу трите власти функционираат како што треба, бидејќи тој одлучува за и судир на надлежности", порача Сиљановска.
Таа смета дека е добро што во Уставниот суд ќе има јавна расправа за Законот за употреба на јазиците, на која ќе можат да ги изнесат своите ставови не само подносителите, туку и критичарите на законот.