Кои министерства каскаат со обврските од реформската агенда?
30 јуни 2025Неколку македонски министерства каскаат со исполнување на реформски чекори од Реформската агенда на Владата 2024-2027, која се однесува на Планот за раст на Европската Комисија, чиј краен рок е јуни. На последниот ден од јуни, тие сѐ уште ги немаат заокружено рефорските задачи за кои се предвиденисредства во висина од 43 милиони евра.
Во пресрет на Самитот за Планот за раст во Скопје, министерот за економски прашања, Орхан Муртезани, вели дека не се под закана европските средства, откако претходно беа повлечени средства од предфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Северна Македонија има грејс период од 12 месеци за сите чекори коишто нема да се завршат навреме.
„Во јуни 2026 година средствата ќе бидат под ризик и тогаш ќе можеме да ги изгубиме“, порача Муртезани на прес-конференција во Скопје.
Кои обврски не се завршени?
Станува збор за обврските коишто ги немаат завршено министерствата за економија, правда и енергетика.
Муртезани вели дека не сите чекори коишто треба да се преземат се однесуваат на реформи. На пример, Министерството за енергетика има план за реновирање на згради на институции за енергетска ефикасност, но поради различно толкување на законската основа се чека разрешница во текот на денот. Исто така, Министерството за економија треба да преземе неколку чекори кои не се поврзани со закони. И за напредокот на овие обврски, Муртезани очекува повеќе информации на последниот ден од рокот.
Собранието деновиве донесе четири закони за дигитална трансформација од реформската агенда. Со носењето на овие закони, во согласност со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, Македонија добива пристап до повеќе од 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се наменети како директна буџетска подршка.
Отчет и резултати
Опозициската СДСМ изминатиот период упатија серија критики до власта дека реформските процеси,особено за правосудството, се во катастрофален застој. Но, Муртезани вели дека по 12 месеци земјата е подготвена да покаже отчет и резултати. Според него, ревидирана е преговарачката структура земајќи ги предвид новините во пристапнте прегвори, така што Министерствозо за европски прашања ја има централната координативна улога во националниот систем за координација на процесот на интеграција, кој вклучува околу 150 институции и над 800 експерти од администрацијата кои учествуваат во подготовка на преговарачките позиции.
„Европските интеграции не се само декларативна цел, туку операционализирана политика“, вели Муртезани.
Најголем поттик за реформската енергија, според Муртезани е преку Планот за раст и Реформската агенда. „Ги завршивме сите законски процедури пред останатите земји од регионот и ги повлековме средствата од предфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Го доставивме и првото барање за ослободување на средства во висина од 17 милиони евра, од кои над 9 милиони евра се за капитални инвестиции“, вели министерот.
Паралелно, посочи тој, се координира ревидирањето на инвестициските проекти во рамки на Инструментот за реформи и раст од Реформската агенда и планирање на процесот на инвестициската рамка за Западен Балкан, на чија листа моментално се 19 проекти во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра. Добиени се четири грантови за техничка помош при Инвестициската рамка за ЗБ и аплицирано е со два проекти за техничка помош и два инветициски грантови при WBF за техничка помош на Северна Македонија.
Проценка на патоказите
Финализирано е и програмирањето на ИПА 2025-27 со 67 милиони евра насочени кон стратешки сектори, вклучително владеење на правото, образованието, јавната администрација и иновациите. Донесени се и акти за структурата за Планот за раст, кој ја дефинира структурата за координација на четирите столбови на планот, како и структурата за реформската агенда, каде се дефинирани надлежностите во спроведувањето, следењето, евалуацијата и известувањето.
За превод на правото на ЕУ на над 20 илјади страници, информираше дека се обезбедени дополнителни 35 милиони денари буџетска поддршка за 2025 година. Со поддршка на ЕК започнува и пилот проект за употреба на вештачка интелигенција во процесот на превод.
Ревизијата на двата патокази кои се одредници за отворање на првиот Кластер Фундаметални вредности – Патоказот за владеење на правото и Патоказот за реформите во јавната администрација, Муртезани информираше дека се финализира со надлежните институции и ЕК и по усвојување од Владата ќе бидат доставени до ЕК за нивна проценка и проследување до Советот. „Третиот патоказ за функционални демократски институции се финализира и првиот драфт е доставен до Комисијата за коментари, но тој не е одредница за отворање на првиот кластер“, рече Муртезани.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе престојува во дводневна посета на земјата. Таа ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, а ќе учествува и на лидерската средба ЕУ-Западен Балкан за Планот за раст, која ќе се одржи во Скопје. На лидерската средба најавено е присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од ЕУ, регионални организации и меѓународни институции.