Народна банка ќе создава национална мрежа на банкомати
11 август 2025Народната банка предлага граѓаните да добијат право на четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки, а ќе се создава и национална мрежа на банкомати во Македонија. Ова го најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на мрежата Х.
Според него, идејата е да има четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки до 2.000 денари по трансакција. Целта е да се обезбеди достапност до готовина за сите граѓани, без разлика на тоа во која банка имаат сметка. Мерката би требало да стапи во сила на почетокот на 2026 година.
„Готовината и понатаму ќе ја користи мнозинството граѓани, иако во помал обем. Препорачливо е дома да се има готовина за основните потреби за период од барем неколку дена до недела“, наведува Славески.
Според него, приврзаниците на кешот ја истакнуваат неговата анонимност и слобода, што, според него, е став кој треба да се почитува.
„Стравот од централна контрола од страна на институциите врз сите трансакции на поединците буди некои непријатни асоцијации. На современите луѓе треба да им се остави самите да одлучат во која мера, според сопствените потреби и преференции, ќе користат комбинација од платежни картички, апликации за плаќање и готовина за извршување на плаќањата. Со тек на време доаѓа до промена во однесувањето и вредностите на луѓето. При дадени околности, посегнувањето по готовина станува неприфатливо и одбивно за околината. Истиснувањето на кешот е процес кој е длабоко напреднат и така треба да продолжи“, смета тој.
Иницијатива за создавање национална мрежа на банкомати
Славески вели дека постои нерамномерна покриеност со банкомати низ земјата, поради што ќе се иницира создавање на национална мрежа на банкомати. Таа мрежа ќе се потпира на постојната инфраструктура на банките, со план за надградба и оптимизација во интерес на граѓаните и самите банки.
Според плановите, националната мрежа на банкомати треба да заживее до крајот на 2026 година.
Повеќе иницијативи на маса
Гувернерот на Народната банка, изминатиов период во повеќе наврати побара од банките да имаат правичен однос кон граѓаните. Во таа насока, беше покрената иницијатива за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги во Македонија. Ваквиот повик веќе ги дава првите резултати. На почетокот на август, трите големи банки и една средна банка соопштија дека ги намалуваат надоместоците за граѓаните и компаниите. Според Народната банка, сега се на потег и останатите банки, од кои се очекува да воведат бесплатно плаќањата што се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи.
Во план е да се покрене и иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со тоа граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории ќе биде бесплатно.