Трамп ја суспендира американската воена помош за Украина
4 март 2025Украина итно има потреба од натамошна поддршка во одбраната од Русија. Но, сега американската влада објави дека времено ќе ја прекине американската воена помош. Од Белата куќа беше соопштено дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно ставил до знаење дека неговиот фокус е на мирот. Затоа, помошта ќе биде времено суспендирана и ќе биде подложена на ревизија.
Овој потег, објавен само неколку дена по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа, веројатно ќе има драстични последици за Украина. Њујорк Тајмс, повикувајќи се на американски владин функционер, објави дека поддршката од САД ќе продолжи дури откако Трамп ќе се увери дека Украина се обврзува на мировни преговори со Русија.
Оружје и муниција во вредност од над милијарда долари
Наредбата стапува на сила веднаш и се однесува на оружје и муниција во вредност од над една милијарда американски долари, кои се веќе во испорака или се нарачани. Според Вашингтон Пост, одлуката е донесена на состанок во Белата куќа. Трамп, како што се вели, разговарал, меѓу другите, со државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џ.Д. Венс и министерот за одбрана Пит Хегсет.
Венс: Еекономски предности за САД како гаранција за безбедност
Потпретседателот Венс во интервју за ТВ станицата Фокс Њуз порача дека Трамповата врата е отворена ако претседателот Зеленски е подготвен да преговара за мир. Исто така, во интерес на Украина е да им отвори економски можности на САД во земјата.
Економскиот интерес на Вашингтон за иднината на Украина е гаранција за безбедност. „Ако сакате вистински гаранции за безбедност, ако навистина сакате да бидете сигурни дека Владимир Путин нема повторно да ја нападне Украина, тогаш најдобрата гаранција за безбедност е да им дадете на Американците економски предности во иднината на Украина“, рече Венс. „Тоа е многу подобра гаранција за безбедност од 20.000 војници од која било земја што не војувала 30 или 40 години“.
Трамп и претходно се закануваше со прекин на помошта
Трамп веќе ја доведе во прашање помошта за Украина за време на предизборната кампања. Откако тој и потпретседателот Венс јавно го искараа украинскиот претседател во Овалната соба во петокот (28 февруари, 2025), Трамп повторно се закани дека ќе ја повлече сета американска помош за Украина. Тој тврдеше дека украинскиот претседател не е заинтересиран за мир сè додека САД даваат воена помош, бидејќи Зеленски тоа го гледа како стратешка предност во однос на Русија.
За време на претходникот на Трамп на функцијата, Џо Бајден, САД беа најважниот поддржувач и убедливо најголемиот снабдувач на Украина со оружје. Од почетокот на руската инвазија пред нешто повеќе од три години, администрацијата на Бајден обезбеди повеќе од 65 милијарди долари (околу 62 милијарди евра) само во воена помош за Киев. Покрај тоа, имаше и други форми на поддршка, како што се економска или хуманитарна, како и помош во обуката на украински пилоти на борбени авиони и обезбедување разузнавачки информации. Отворено е прашањето дали овој пресврт на администрацијата на Трамп ќе влијае и на оваа помош.
Европејците тешко можат да го надоместат недостигот на американска помош
Од стапувањето на републиканецот на должност во јануари, немаше нови американски пакети воена помош за Украина. Досега, нападнатата земја сè уште имаше корист од испораките на оружје што беа започнати за време на мандатот на Бајден. Според проценките, украинската војска би можела да продолжи да се бори со ист интензитет уште околу половина година со испораките на оружје што беа започнати од страна на администрацијата на Бајден.
Украина исто така добива голема поддршка од неколку други западни земји. Меѓутоа, големо прашање е дали тие можат да ја надоместат загубата на огромната американска помош. Особено кога станува збор за ракети за противвоздушни системи од типот „Патриот“, американските испораки се незаменливи. Во противвоздушната одбрана, така, брзо би можеле да се појават слабости што руската војска би можела да ги искористи за своите напади со балистички и крстосувачки ракети. За оштетениот енергетски систем, важните фабрики за оружје или други стратешки важни цели на Русите, тешко дека би имало заштита.
Трамп настојува на приближување кон Кремљ
Трамп неодамна остро го критикуваше Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ и „воен подбуцнувач“, доведувајќи го во прашање неговиот политички легитимитет, како што тоа претходно тоа го правеше Кремљ. Наместо тоа, американскиот претседател настојува на проближување кон Русија и оствари разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој ја започна војната против Украина со својата наредба за напад во февруари 2022 година.