Напорна мисија: Писториус ја заврши посетата на Украина
13 јуни 2025Вечер е, околу 20 часот на железничката станица во Киев, а од звучниците се слушаат вообичаените советски балади. Борис Писториус се качува во синиот ноќен воз со кој канцеларот и министрите патуваат до Киев. Воздушен пат не доаѓа предвид бидејќи е војна. На перонот се слушаат вообичаените упатства, тука е персоналот на амбасадата, воените аташеа и украинските организатори.
Министерот делува уморно. Но, така изгледаше уште пред дванаесет часа кога излезе од возот. Ноќно патување низ земја во војна не се за секого, можеби ни за Писториус.
Безброј прашања
Тој веќе петпати ја има посетено земјата, а и сега вели дека одработил „стандардна програма, речиси како и секогаш“. Тоа значи наутро излегуваш од возот, во поворка возиш низ град, појадок во хотел, средби со амбасадори од земјите членки на НАТО, проследени со разговори со пратеници, средба со украинскиот министер за одбрана, разговор со претседателот, потоа прес-конференција, а помеѓу - координации и кратки брифинзи.
Темите се како би можело да се компензира евентуално повлекување на помошта од страна на САД (со амбасадорот на НАТО), како би можела да изгледа натамошната германска поддршка за украинските провинции (со парламентарци), каква е ситуацијата на фронтот и како Европа може да реагира (со министерот за одбрана Умеров) и што се сменило во однос на помошта за Украина со новата германска влада - колку пари е подготвена Германија да потроши (со претседателот Зеленски).
Положување венец на Мајдан
По политичките разговори има церемонија на плоштадот Мајдан за положување венец во спомен на украинските жртви. Таму беа поставувани прашања за неодамнешните, засилени напади на Русија врз украинскиот главен град. Потоа, министерот и неговиот кабинет заминуваат без претставниците на медиумите во посета на украински погон за производство на оружје. Имено, Писториус најави дека Германија сака повеќе воена опрема за Украина да се произведува во самата Украина. Производството на крстосувачки ракети треба да функционира веќе во следните неколку месеци.
За возврат, Украина на Германија ќе ѝ стави на располагање знаење и хардвер за беспилотни летала и електронско војување. Сето ова не е мала содржина како за стандардна посета. Да не се заборават и деветте милијарди евра германска помош кои, по волјата на Писториус, до крајот на 2025 година треба да стојат во книгите во Киев. Пред две години, тоа ќе беше за насловна страна.
Од уморен до контролирано налутен
Наместо тоа, Писториус е соочен со прашања за „манифестот“ на истакнати членови на СПД во две долги интервјуа снимени за вестите (Тагестемен) на Првата германска програма, како и за емисијата на Мајбрит Илнер на ЗДФ.
Ролф Мицених, Норберт Валтер-Борјанс, Ралф Штегнер и други бараат поголема соработка со Русија и повикуваат на поголемо разоружување, се жалат на наводна милитаризација на политиката и општеството. Писториус се држи под контрола, но се забележува како од уморен станува контролирано нервозен.
Може да се претпостави што си мисли: се бори со полн распоред на посетата, по којзнае кој пат декларира солидарност со Украина, ветува пари на Украина, предлага заеднички потфати со Германија и мора да се соочи со обвинувања за поттикнување војна од неговите сопартијци.
Соочен е со свет пред пресвртницата, со партијата СПД пред пресвртница. Тој, човекот што во министерството се занимава или остава други да се занимаваат со прашањето за служење воен рок, за набавки и соработка во вооружувањето. Неговата партија е на власт, па ако нешто е лабилно, мора да се соочи со прашања за стабилноста на црно-црвената коалиција.
И така, на плоштадот „Свети Михаил“ во Киев се обидува да им објасни на новинарите во Германија дека едноставно не може да се преговара со Владимир Путин, дури и ако лично си посакува мир. Ни ова не го кажува првпат. Дали и таквите одговори за него се само дел од „стандардната програма“ не се знае.
Пофалби од новинарите во Киев
На вечерните вести на украинската телевизија се зборува за солидарноста на Германија со Украина, наголемо се зборува за сумата со која земјата ќе биде поддржана, дури и за наводното пријателство меѓу Писториус и украинскиот министер за одбрана Умеров. Писториус не го гледа ова, но може да се претпостави дека на министерот за одбрана тоа повеќе би му се допаднало од напорната дискусија за моралот во Германија.
Но, тој е член на СПД и мора да се занимава со аргументите на своите партиски колеги. Неговиот преглед на печатот веројатно е од германските медиуми и помалку содржи пофалби од киевските новинари, а повеќе добронамерни коментари од Берлин.
Не можеме опширно да го прашуваме во врска со тоа. Поворката се враќа на станицата, „приближно истата програма како и секогаш“ завршува, а уморниот министер се качува во возот. За две недели почнува партискиот Конгрес на СПД, каде што по којзнае кој пат ќе треба да објаснува зошто смета дека во моментов повеќе оружје има повеќе смисла отколку помалку.
Поддршка како стандардна програма
Потоа сигурно повторно ќе отпатува во Украина како министер и ќе апсолвира и шесто и седмо патување – со ноќен воз, конвој, појадок, амбасадори, пратеници, министер, претседател, посета на лице место, интервјуа. Пристигнува уморен и си заминува уморен. За него поддршката на Украина е дел од стандардната политичка програма, но за делови од неговата партија и делови од германското општество и во 2025 година, сè уште не е.
Автор на текстот: Штефан Штухлик, АРД