Газа: Трамп упати „последно предупредување“ до Хамас
8 септември 2025Со „последно предупредување“ од американскиот претседател Доналд Трамп до исламистичката терористичка организација Хамас, Вашингтон сака да издејствува дипломатско решение непосредно пред заканувачката голема офанзива на Израел во градот Газа. Израел ги прифатил неговите услови, и сега е време и Хамас да ги прифати, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл. „Ова е моето последно предупредување, нема да има друго!“. Набргу потоа, Хамас изрази подготвеност за „итни преговори“. Исламистичката организација ја поздрави „секоја иницијатива што ќе помогне да се стави крај на агресијата врз нашиот народ“.
Ослободување на сите заложници како услов
Трамп веќе му постави ултиматум на Хамас во март. Тие мора веднаш да ги предадат сите израелски заложници и сите тела на киднапираните, „во спротивно ќе биде готово за вас“, напиша тој тогаш на Трут Соушл.
Трамп не даде никакви детали за условите на новиот предлог во неделата. Според извештаите на израелскиот Канал 12, предлогот предвидува предавање на сите 48 заложници – и живите и мртвите – уште првиот ден по стапувањето во сила на прекинот на огнот.
Нема потврда од Израел
За возврат, израелската армија треба да ја прекине својата офанзива во градот Газа. Дополнително, Израел би требало да ослободи илјадници палестински затвореници од своите затвори, вклучувајќи и стотици осудени на доживотен затвор за убиства на Израелци. Ова го објави и американскиот информативен портал Аксиос.
По прогласувањето на прекин на огнот, веднаш треба да почнат преговори за условите за завршување на војната – вклучувајќи го барањето на Израел за разоружување на Хамас и барањето на Хамас за целосно повлекување на израелските сили од Појасот Газа, објави уште Аксиос, повикувајќи се на израелски официјални лица.
Според предлогот, Трамп „активно“ ќе се ангажира за ставање крај на на војната. Сè додека траат преговорите за условите, борбите нема да продолжат, извасти и израелскиот Канал 12. Меѓутоа, од официјална израелска страна немаше потврда за изјавата на Трамп дека Израел ги прифатил неговите услови. Сепак, весникот Тајмс оф Израел тврди дека дознал од блиски извори до премиерот Бенјамин Нетанјаху дека предлогот „многу сериозно се разгледува“.
Хамас: „Подготвени сме да седнеме на преговарачка маса“
Хамас во текот на ноќта изјави дека преку посредници добил некои идеи од американската страна за постигнување договор за прекин на огнот. Тие се „подготвени веднаш да седнат на преговарачка маса“ за да разговараат за ослободување на сите заложници „во замена за јасна изјава за ставање крај на војната, целосно повлекување од Појасот Газа и формирање комитет на независни Палестинци за управување со Појасот Газа“, се вели во соопштението на терористичката организација. Ова мора да биде проследено со „јавна и експлицитна обврска на непријателот да се придржува до сите договорени услови“, се вели во соопштението. Мора да се спречи Израел еднострано да го прекине примирјето и да продолжи со војната. Тие се во контакт со посредниците „за да се разработат овие идеи во сеопфатен договор“ кој одговара на нивните барања, се наведува понатаму во соопштението на Хамас.
Последниот прекин на огнот заврши во март, откако Израел и Хамас не успеаја да се договорат за условите за следната фаза на договорот.