Автомобил влета во група луѓе во Минхен - 28 повредени
13 февруари 2025„Возачот на возилото е затекнат на лице место и приведен, тој во моментов не претставува дополнителна опасност. Во моментов таму се присутни силни полициски сили“, објаснија надлежните.
Инцидентот се случил во областа на раскрсницата помеѓу Дахауер Штрасе и Сеидлштрасе во центарот на градот, недалеку од централната железничка станица во Минхен. Полицијата соопшти дека осомничен е 24-годишен Авганистанец кој барал азил во земјата. Лицето и било од претходно познато на полицијата поради кражби и поседување дрога.
Најмалку 28 лица се повредени, неколкумина потешко, а меѓу нив и деца.
Околу локацијата има прекини во сообраќајот. „Избегнувајте ја областа што е можно подалеку за да можат непречено да работат итните служби“, им препорача полицијата на граѓаните.
Според извештаи на локалните медиуми, автомобилот влетал во учесниците на протестен марш на синдикатот Верди. Претставник на доброволната противпожарна служба соопшти дека има најмалку 20 повредени, дел од нив се здобиле веројатно и со потешки повреди. Градоначалникот Дитер Рајтер изјави дека меѓу повредените има и деца.
Во текот на денешниот четврток во Минхен се одржуваат предупредувачки штрајкови, како и во повеќе други градови во Германија. Во градот владее засилена состојба на готовност и поради Минхенската безбедносна конференција, која ќе трае до викендот, а на која се очекува да присуствуваат бројни високи политичари од целиот свет.