Напад во Минхен: Истрагата зборува за исламистички мотив
14 февруари 2025По нападот во Минхен, истражителите открија дополнителни детали за тоа што се случи вчера и за сторителот. Вишата јавна обвинителка Габриеле Тилман на денешната (14.02.) прес-конференција соопшти дека, според сегашните сознанија, „ќе се осмели да зборува за исламистичка мотивација за делото“. Ова го откриле вештачењата на неговиот мобилен телефон и изјавите на сторителот при сослушувањето.
Како доказ за исламистичката мотивација Тилман, меѓу другото, ја наведе изјавата на полицајците дека возачот извикал „Алаху Акбар“ по злосторството. За време на сослушувањето, тој исто така признал дека намерно влетал со автомобилот во крајот на протестната поворка на синдикатот Верди.
Изјавите укажуваат на религиозна мотивација, изјави Тилман, нагласувајќи дека истрагата сѐ уште е во рана фаза.
Според властите, 24-годишниот Авганистанец немал криминално досие. Тилман соопшти дека во Баварија против него имало постапка само за еден случај за измама на Агенцијата за вработување. Осомничениот напаѓач се пријавил како невработен, во меѓувреме почнал да работи и не се одјавил на време од Агенцијата.
Постапката била запрена со плаќање парична сума бидејќи станувало збор само за многу краток временски период. Ова била единствената постапка што се водела против него во Баварија.
Според полицијата, 36 лица се повредени кога автомобилот влетал во демонстрантите во четвртокот, од кои двајца потешко. Од болнички извори се дознава дека едно дете е во критична состојба.