Награда на ДВ за слобода на говор за грузиска активистка
7 јули 2025„За време на Советскиот Сојуз, немавме право на глас и бевме зависни од тоталитарниот систем. Но, во демократска држава, сите граѓани мора да ја држат владата под контрола за да ја зачуваат својата слобода. Медиумите имаат посебна одговорност за да се обезбеди поделба на власта“, изјави Тамар Кинцурашвили (55) од Грузија, која работеше како новинар во таа земја за ДВ 20 години.
Таа денес е директор на невладината организација „Фондација за развој на медиумите“ во Тбилиси. Во сè порепресивната Грузија, нејзината работа станува сè потешка.
За нејзиниот ангажман, ДВ ѝ ја доделува овогодинешната награда за слобода на говорот. ДВ ја доделува оваа награда од 2015 година на новинари и активисти за човекови права за да го привлече вниманието на ограничената слобода на печатот и загрижувачката состојба со човековите права во многу делови од светот.
Генералниот директор на ДВ Петер Лимбург истакна дека Кинцурашвили ја добива наградата за нејзината клучна посветеност во борбата против дезинформациите во Грузија. „Нејзините напори за сузбивање на домашната и меѓународната пропаганда се незаменливи за слободата на печатот и изразувањето, како и за довербата во слободните медиуми“, рече Лимбург. „Земјата во моментов е на крстопат: парламент без активна опозиција, замрзнат процес на пристапување во ЕУ и нови авторитарни закони за медиуми, кои веќе ни се познати од Русија."
Невладините организации во Грузија и Законот за „странски агенти“
Тамар Кинцурашвили денес во Грузија се чувствува позагрозено од кога било досега. „Владата секој ден се обидува да измисли нешто ново за да нѐ попречи во нашата работа“, вели таа.
Минатата година, владејачката партија Грузиски сон, која се смета за проруска и е на власт од 2012 година, донесе таканаречен закон за транспарентност на странско влијание: медиумите и невладините организации (НВО) кои добиваат најмалку 20 отсто странско финансирање мора официјално да се регистрираат како „странски агенти“.
Доколку не го сторат тоа, засега им се заканува парична казна, а по промената на законот и затворска казна. Во иднина законот треба да важи и за физичките лица. Неодамна усвоениот закон предвидува дека странските донации во иднина мора да бидат одобрени од владата.
Тоа беше повод што илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против законот. Одлуката на владата во ноември минатата година да го замрзне процесот на пристапување во ЕУ дополнително ги поттикна протестите. Само една година претходно, земјата доби кандидатски статус за членство. До денес има редовни демонстрации против авторитарниот курс на власта. Во последните месеци, владата, меѓу другото, ја ограничи слободата на изразување и собирање.
Напади, закани и навреди - директно против Кинцурашвили
Невладината организација предводена од Кинцурашвили е целосно финансирана од странство.
Сепак, таа одбива да се регистрира како „странски агент“ и вели: „Целта на новиот закон е да ја поткопа довербата во нашата работа. А сигурни информации се неопходни за да се донесат правилни одлуки. Така функционира демократијата“.
Заедно со други невладини организации, Кинчурашвили поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права против законот за „странски агенти“.
Расте и директниот притисок врз Кинцурашвили. Маскирани лица постојано го обезличуваа влезот на нејзината канцеларија - и во таа прилика неа и нејзините колеги ги нарекуваа „псевдолиберални фашисти“. „Покрај тоа, луѓе ни се јавуваа и нè навредуваа, дури и среде ноќ. Тие им се јавуваа и на членовите на моето семејство, мојот сопруг и ќерка ми“, вели Кинцурашвили.
Кариера: Од репортер, преку директор на државна телевизија... до невладина организација
Тамар Кинцурашвили е родена во 1970 година во Цкалтубо, западна Грузија, во семејство од средна класа. Студирала новинарство во Тбилиси.
Во тоа време се случи распадот на Советскиот Сојуз: Грузија прогласи независност во април 1991 година и избувна граѓанската војна. Регионите Абхазија и Јужна Осетија се прогласија за независни републики. Русија, како една од ретките земји, ја призна нивната независност во 2008 година и таму стационираше илјадници свои војници.
Кинцурашвили започнала да работи во првиот независен весник во земјава „Дрони“ во 1994 година како известувач, а подоцна станала заменик главен уредник.
Во рамките на програма за стипендирање, таа стажирала во западни медиуми, вклучително и новинската агенција Ројтерс во Лондон и Deseret News во Солт Лејк Сити, САД. „Така научив како да се занимавам со независно новинарство - бидејќи ние во Грузија во тоа време немавме искуство со тоа“, се сеќава таа.
Подоцна, таа станала генерален директор на државната телевизија на Грузија, ГПБ.
Сепак, од 2014 година таа целосно се посвети на борбата за веродостојни информации и слобода на медиумите. „На почетокот немаше потреба од проверка на фактите - медиумите си ја вршеа работата“, вели таа. „Но, благодарение на новите технологии, секој граѓанин може да шири информации - затоа секој од нас мора да знае да разликува факти од лажни вести. Да се контролира информацијата значи да се има моќ, а денес моќните институции, влади, автократи и компании се обидуваат да манипулираат со јавното мислење".
Повеќе од 300 луѓе веќе учествуваа на нејзините работилници за слободата на медиумите, борбата против дезинформациите и говорот на омраза - и тоа во рамките на „Myth Detector Labs“, основана во 2017 година заеднички со Академијата на ДВ.
Покрај тоа, Кинцурашвили е приватен доцент по медиумска етика и методи на пропаганда на Универзитетот Илја во Тбилиси.
ДВ-наградата како поттик
Меѓународната поддршка за неа е поважна од кога било. Таа неодамна учествуваше на шестмесечна програма за стипендии во Франција, која ѝ овозможи средби со активисти за човекови права од целиот свет.
И наградата на ДВ ѝ дава поддршка, вели таа: „Ни дава чувство дека не сме сами во борбата против оваа репресивна власт. И испраќа порака дека нашата работа е важна - за нашата земја, за подобро, демократско општество во Грузија“.