Аеропрочистувачи во градинки и болници за почист воздух
19 февруари 2025Вкупно 255 системи за филтрација на воздух со медицински стандарди на заштита од бактерии, вируси и алергени ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други јавни установи во Северна Македонија, кадешто квалитетот на воздухот е од клучно значење. Системите се од реномираниот германски производител Ман и Хумел, а ги донира домашната компанија Екотип од Скопје за што беше потпишан договор со македонската Влада.
Донација вредна еден милион евра
Договорот вреден еден милион евра, го потпишаа владиниот генерален секретар Игор Јанушев и менаџментот на Екотип Скопје. Претставници на германската компанија Ман и Хумел се во посета на земјата. Според владината портпаролка Марија Митева и Ламбро Патче од Екотип, тие продолжуваат да ги разгледуваат можностите за натамошна соработка и за изнаоѓање дополнителни и долгорочни одржливи решенија за аерозагадувањето.
„Загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија. Во контекст на напорите на Владата во преземањето значајни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот преку капитални проекти, како Влада активно работиме на долгорочни стратегии и решенија за намалување на загадувањето, преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелени технологии“, вели Митева.
Бизнисот да го следи примерот
Спроведувањето на овие мерки бара време, па ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита пред се на здравјето на граѓаните.
Од Владата се надеваат дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат да придонесат во заедничката борба за почист воздух и се разбира поздраво општество.
„Велат дека чистиот воздух е едно од човековите права и дел од сите меѓународни акти и конвенции. Кај нас е едно од најсензибилните прашања и сите треба да дадеме учинок во тој дел. Апелирам бизнисот да го следи нашиот пример. Владата работи на стратегии, но за се е потребно време. Да дадеме сите придонес, бизнис заедницата игра клучна улога во овој дел“, вели Патче.
Донираните аеропрочистувачи се идеални за задржување на најситните честички како вируси, бактерии и алергени, па поради тоа се начесто се користат во градинки, училишта, студенски домови и медицински центри.