Над 20 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ пред нова шанса
29 мај 2025Во стилот - тимот што победува не се менува - повеќе од 20 актуелни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ја добија довербата на Извршниот комитет на партијата да бидат кандидати и на претстојните локални избори. Како што образложи генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, кандидатите коишто се предложени од партискиот Извршен комитет убедливо воделе на сите анкети во општините за кои се предлагаат.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните во изминатите 4 години, а тоа го потврдуваат и анкетите. Сите кандидати предложени од ВМРО-ДПМНЕ водат 4, а во некои општини 5:1“, рече Сајкоски.
Во поголемите општини за нов мандат на претстојните избори ќе се борат досегашните градоначалници: во Општина Кавадарци - Митко Јанчев, во Охрид - Кирил Пецаков, во Штип - Иван Јорданов, во Битола - Тони Коњановски, во Велес - Марко Колев, во Гевгелија - Андон Сарамандов.
Шанса за втор мандат добија и актуелни градоначалници на неколку скопски општини: во Бутел - Дарко Костовски, во Ѓорче Петров - Александар Стојкоски, во Аеродром - Дејан Митески.
За Скопје не е решено
За кандидат за градоначалник на Град Скопје сѐ уште не е донесено решение, а досега како фаворити за таа позиција флуктуираа имињата на министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски. Фактот што во вчерашната прва група кандидати не се објавени кадровски предлози за општините Кисела Вода и Гази Баба, индицира дека во партијата сѐ уште се анализира и сондира јавното мислење.
Со актуелни градоначалници ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за локалната власт и во повеќе од десетина помали општини: во Свети Николе со Дејан Владев, во Карбинци со Виктор Паунов, во Градско со Киро Нацков, во Зелениково со Коста Маневски, во Илинден со Александар Георгиевски, во Конче со Златко Ристов, во Ново Село со Ѓорге Божинов, во Василево со Славе Андонов, во Босилово со Ристо Манчев, во Петровец со Борче Митевски, во Брвеница со Јовица Илиевски, во Јегуновце со Димитар Костадиновски и во Вевчани – со Спасе Кочовски.
Вевчанскиот градоначалник Кочовски веќе изрази почестеност што партијата повторно го предложила за градоначалник на општината.
„Посебно се заблагодарувам на моите сограѓани Вевчанци кои ја даваат поддршката за повторно да бидам кандидат за градоначалник на Вевчани, поддршка која за мене е особено значајна и драга и без која не може да се дојде до целта. Тоа за мене претставува уште поголема обврска и одговорност за да го продолжиме патот на промените за заедничка иднина. Нема запирање!“, напиша тој. И актуелниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, јавно се заблагодари за довербата.
Сајкоски: Ги транссформираа општините
Генералниот секретар на партијата потенцира дека со причина избрале докажани кадри.
„Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, рече Сајкоски по седницата на ИК.
Меѓу оние од кои се очекува да го сменат темпото на работа во општините се Зоран Бајовски - кандидат за градоначалник на Чучер Сандево, Иван Гоцевски за Делчево и Петар Ружински за Берово.
Утврдените 25 кандидати за градоначалници се само дел од кадровските предлози. Од партијата претходно најавија дека кандидатите за градоначалници ќе бидат објавени во два циклуси. Сајкоски наведе дека во моментов се одвиваат и внатрепартиски избори за советници преку месните и општинските комитети, при што и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници. На седницата на ИК било предочено дека Македонија е во изборен период, во кој ќе се одлучува за тоа дали Македонија целосно ќе се стави на патот за трансформација.
„Заклучено е дека во сите општини преовладува желбата за раст, развој, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Очекуваме победа секаде“, порача Сајкоски.
Скандинавско управување
Слични оценки неодамна даде и партискиот претседател и премиер, Христијан Мицкоски.
„Покажавме европско, скандинавско управување со општините на локално ниво“, оцени тој.
„Поминува четвртата година од претходните локални избори. Најголемиот дел од градоначалниците – 42, се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или Коалицијата и нема ниту едно основано сомневање за сторен криминал, корупција или сторена злоупотреба. Покажавме и докажавме дека можеме многу подобро да ги управуваме институциите и општините од многу европски земји“, рече Мицкоски.
Изрази убеденост дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на локалните избори. „А прашање е дали опозицијата ќе освои 2,3 или 4 општини. Нема да бидам изненаден ако не освојат ниту една општина“, рече тој.
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тоа е погрешна проценка.
„Сметам дека кога власта го кажува тоа, очигледно е затворена во некој меур, поради тоа што очиглено е дека гневот на граѓаните не го слушаат“, смета Филипче.
„Ние немаме лош градоначалник. Сите општини добро се водат. Нема никакви скандали, за разлика од секојдневните корупциски скандали коишто ги објавуваме за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Филипче за „360 степени“.
Засега се извесни кандидатурите на актуелните градоначалници - Горан Герасимовски за Општина Центар и на Томе Христоски за Општина Крушево, а можно е поддршка за уште една изборна трка да добие актуелниот градоначалник на Крива Палнка, Сашко Митовски. Раководството на СДСМ ги чека предлозите од општинските организации за да ја комплетира листата на кандидати. Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, поднела кандидатура за градоначалник на Скопје, но истовремено се разговарало и со други лица, меѓу кои и независни кандидати. Претходно партиски функционери на СДСМ изјавуваа дека за успех на локалните избори ќе го сметаат секој резултат подобар од тоа што го имале во минатото. Филипче не сака да прогнозира колку градоначалници и советници би добил СДСМ на претстојните локални избори.
„Тоа ќе го кажат граѓаните“, порача тој.