Националните теми ги гушат локалните избори
23 август 2025Загревањето за кампањата за локалните избори почна со горливите национални теми -минималната плата, економскиот стандард, пруги и автопати, дивоградби, Рамковниот договор, а се појави и една „јахта" - глисер која вплови во високите теми под знамето на богатиот политички фолклор. Тие ги држат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на штрек речиси цело лето. Фреквенцијата на партиските соопштенија и прес-конференции, укажува на нервоза но и на уверување дека гласачите полесно се придобиваат на крупни и на тривијални теми отколку на сериозните локални прашања.
Премиерот Мицкоски при посетата на Кочани пет месеци по трагичниот настан и два месеци пред одржувањето на изборите, во средата (20.08.) по отворањето на производствена хала во фабриката „Амфенол“ пред кочанчани вети подобра економска иднина. Тој рече дека се планирани 500 нови вработувања во две фази, со што сегашните 3.200 ќе станат 3.700 вработени.
„Неслучајни се индикаторите кои што ги имаме во економијата во првиот квартал оваа година, во третиот и четвртиот квартал минатата година, кога веќе имаме три последователни квартали со раст над три проценти што претставува еден од водечките резултати според растот на бруто домашниот производ на државата во Европа“, рече притоа Мицкоски. Тој изрази и цврста увереност во победа на локалните избори.
„Мислам дека е јасен победникот на овие локални избори, тоа е владиното мнозинство, така што ние продолжуваме по патеката на реформи, испорака кон граѓаните, чесна, напорна, посветена работа, еве веќе 14 месеци оваа влада функционира стабилно, јавноста може да види дека тоа што во минатото значеше корупција, криминал на дневна основа, тоа веќе не е пракса. Тоа е големата разлика“, порача Мицкоски.
Опозициската СДСМ го демантира премиерот велејќи дека се тоа негови „филмски изјави“. „Вакви фантазии не постојат во македонската економија. Напротив, со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ја живеат суровата реалност: цените растат постојано, трошоците за живот секој месец се повисоки, а платите стагнираат", возвратија социјалдемократите.
Избори или референдум
Денеска (23.08) и утре (24.08) владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи т.н. отчет на досегашните градоначалници, кој се очекува да биде појдовна точка на натамошното моделирање на кампањата. Додека се очекуваат пораките на Мицкоски од собирот, посматрачите анализираат дека изјавите на клучните политички партии пред одмерувањето на силите на изборниот полигон, се секогаш индикатор во кој правец таа ќе се движи.
Благојче Атанасоски, политиколог, во изјава за ДВ оценува дека националните теми се секогаш попримамливи за гласачкото уво, особено, вели, за крајнодесното и порадикалното, и оттука се оди на таа „каша – попара" наметнување на секакви теми. „Од теми на локален карактер, до теми за социјална и економска политика, до теми за ‘предавници и патриоти'. Тоа е трагедијата на македонската политика, после три и пол децении независност“, вели тој.
И од ДУИ деновиве порачаа дека „претстојните избори во октомври ќе бидат референдум за одбрана на евроатлантската ориентација и финансискиот интегритет на државата". Тврдат и дека поради лагите кон Албанците, личните профити и напуштањето на националните позиции заради тесни интереси на Меџити и неговиот тесен круг, ВЛЕН го губи членството во сите општини и дека „коалицијата ВЛЕН и вицепремиерот Изет Меџити се во паника". Според ривалската ВЛЕН, пак, ДУИ само се плаши од пораз на локалните избори бидејќи „албанските граѓани повеќе нема да можат да ги измамат со лагите и лажниот патриотизам што ги користат само кога се во опозиција".
Сефер Селими директор на организацијата „Democracy Lab“ во чиј фокус е јакнење на демократските вредности во државата, во изјава за ДВ оцени дека на локалните избори, особено во албанскиот политички блок, ќе доминираат национални теми.
„Тоа е резултат на тенденцијата за маргинализација на албанскиот политички фактор и ревидирањето на Охридскиот договор. Власта ќе се обиде дебатата да ја врати на локално ниво, но високото незадоволство кај албанските граѓани го прави тоа речиси невозможно. Затоа очекувам кампањата повторно да биде водена главно на национални теми“, вели тој.
Пробен балон за Бадентер
Една од дежурните теми е и бадентеровото мнозинство за кое се разгоре дебата по најавата од министерот за правда дека ќе биде подложено на ревизија. Кандидатот од ДУИ за градоначалник на Чаир Бујар Османи, тоа го нарече „дел од стратегијата за демонтирање на Охридскиот рамовен договор". Притоа го обвини Мицкоски дека „намерно им дозволува на министрите да даваат изјави како пробен балон, со цел да ја нормализира темата во јавноста, а потоа излегува со негирања".
Додека траат жешките тонови меѓу главните партиски штабови, кандидатите за градоначалник, остануваат нечујни. Соговорникот на ДВ, политикологот Атанасоски, вели дека кандидатите за градоначалници се заложници на лидерите, и без нивна поддршка, не би можеле да станат ниту советници, камо ли градоначалници.
„За жал, локалните избори се пресметка меѓу лидерите на најголемите партии, и гледаме дека ‘големи политичари' од типот на Црвенковски, Груевски и Заев, своите политички кариери ги завршија после катастрофални порази на нивните матични партии на едни локални избори, во 2013, 2017 и 2021 година“, потенцира тој.
„Тие сметаат и знаат дека за гласачите е поважно ‘кој ќе го врати името или кој ќе го сочува идентитетот’ наместо да зборуваат за поправање улици и плоштади, хортикултурно уредување и чистотата на Градот и Општините", дополнува Атанасоски.