Германија: Буџетска дупка од 30 милијарди евра
1 септември 2025Германскиот буџет за 2027 година се соочува со дефицит од околу триесет милијарди евра.
Министерот за финансии и лидер на социјалдемократите, Ларс Клингбајл, затоа не ја исклучува можноста за зголемување на даноците за оние со високи приходи. Тоа предизвика незадоволство кај поголемиот коалициски партнер – демохристијаните на канцеларот Фридрих Мерц.
Клингбајл изјави дека дефицитот во буџетот за 2027 дополнително се зголемил поради проекти како „мајчинска пензија“ и компензација за општините во рамки на проектот „поттик за раст“.
„Мислам дека никогаш немало федерална влада што морала да затвори толкава буџетска дупка“, рече тој. „Советувам сите опции да останат отворени додека не објавиме дека тие 30 милијарди се најдени и дупката е затворена.“
Опасност од „социјални кратења“
Осврнувајќи се на одбивањето на демохристијаните да разговараат за зголемување на даноците, Клингбајл рече: „Ме интересира какви идеи ќе предложат канцеларот и другите за да се затвори дефицитот од 30 милијарди.“
Тој предупреди дека фокусот не смее целосно да се насочи кон кратење на социјалните давачки: „Некои, како што забележувам во политичките дебати, изгледа мислат дека сите пари можат да се заштедат на пензии, здравство, нега и слично.“
Клингбајл нагласи дека станува збор за цел пакет мерки кој мора да биде правичен и избалансиран за сите во Германија.
„Ќе мораме да побараме нешто од граѓаните, така е. Но многу е важно да постои чувство дека тоа ги засега сите и дека сите треба да придонесат.“
Тој додаде дека му е драго што дебатата започнува сега: „Важно ми е да не почнеме дури кога ќе се приближи буџетот за 2027, туку да го направиме тоа во наредните недели.“
Мерц го отфрла зголемувањето на даноците
Сојузниот канцелар Фридрих Мерц во меѓувреме ги отфрли идеите за зголемување на даноците. Во коалицискиот договор е договорено дека нема да има зголемување на даноците, рече претседателот на ЦДУ во интервју за јавниот сервис ЦДФ и додаде: „Договорениот коалициски договор важи.“
Оваа тема долго се дискутирала во коалициските преговори. Тогаш лидерот на баварските конзервативци Маркус Зедер и лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц му порачале на Клингбајл дека нема да потпишат договор ако СПД инсистира на зголемување на даноците. „СПД тоа добро го знае“, рече Мерц.
Канцеларот додаде: „Тоа што СПД има поинакви ставови по ова прашање е исто толку во ред како и тоа што ние имаме свои ставови по други прашања. Ние не бараме што нè дели. Ние бараме што ни овозможува заедничко и одговорно владеење.“
Зедер го повикува СПД да го почитува договорот
И Зедер ги критикуваше предлозите на Клингбајл. „Не, сега не ги зголемуваме даноците. Мораме да ги намалиме даноците“, изјави тој за весникот Ханделсблат. „Кој потпишува коалициски договор, треба и да го спроведе, а не да доведува се во прашање по неколку месеци.“
Зедер се спротивстави и на размислувањата на некои демохристијански пратеници да му понудат на СПД повисок данок за богатите во замена за реформи во социјалниот систем. „Тоа за мене е исклучено“, нагласи лидерот на баварската ЦСУ и премиер на Баварија.
Тој подвлече дека трошоците предизвикани од миграцијата, како и наводната злоупотреба на социјалниот систем, експлодирале и дека е потребен „темелен апдејт“.
Повторно побара реформа на социјалната помош, построги критериуми за оние што одбиваат работа или добиваат државна помош за стан и режиски трошоци.
Буџетските дупки во идниот германски буџет се појавуваат пред сè поради рецесијата. Но и поради зголемените трошоци – темелот на Владата на Мерц е задолжување од дури билион евра, од кои половина треба да се вложат во војската, а половина во инфраструктурата.
При коалицискиот договор, и демохристијаните и социјалдемократите се држеа до своите ветувања кон гласачите и малкумина беа подготвени на штедење.