Муртезани: Процесот на пристапување кон ЕУ мора да има крај
30 јули 2025Процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ треба да има крај. Ова е пораката која што ја испратија министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за европски прашања и одбрана на Ирска, Томас Бирн на прес-конференција во Скопје.
Муртезани, одговарајќи на прашањето до кога македонската Влада ќе чека одговор од Бугарија во однос на заедничка резолуција за македонскиот јазик и идентитет во Европскиот парламент и ставот на Софија и изгласаните декларации во бугарското Собрание, вели дека е застапник на идејата дека мора да се градат заеднички позиции како соседи и да се почитуваат Копенхашките критериуми, каде што првиот услов се токму добрососедските односи.
Проширување врз основа на заслуги
Бирн, пак одговарајќи на прашањето и какви чекори за дијалог со официјална Софија може да се очекуваат понатаму и какви гаранции може да очекува Македонија од ЕУ во однос на процесот на преговарање со ЕУ, рече дека патот на земјата кон ЕУ е мачен, но додаде дека ќе работи секојдневно за да се олесни процесот. Ирска ги поддржува амбициите на земјата и ќе ја понуди секоја помош, со цел да се осигура дека процесот ќе биде правичен и заснован на заслуги.
„Патот на Северна Македонија кон ЕУ е мачен. Тука бев пред три години по францускиот предлог и договор и сметаме дека тоа треба да се спроведе, така ќе се отвори преговарачкиот процес. Не можам да давам никакви гаранции, освен дека ќе работам секојдневно за да го олеснам вашето пристапување врз основа на заслуги во ЕУ. Така ќе прават и сите други земји членки на ЕУ“, вели Бирн, чија земја го презема претседавањето со Советот на ЕУ во втората половина на следната година
Тој повтори дека договорот којшто беше направен пред три години треба да биде имплементиран од македонска страна, со што ќе се отвори преговарачкиот процес.
И министерот Муртезани е дециден дека секоја земја кандидат треба да се вреднува врз основа на своите заслуги, а не да биде заложник на билатерални прашања и политички блокади.
„Тоа е предуслов за зачувување на кредибилитетот на европската идеја. Ирска во тој контекст има значајна улога како членка на Унијата од 1973 година. Таа претставува пример за успешно користење на можностите што ги носи членството преку инвестиции, отворање на економијата и зајакнување на институциите. Но, за нас, е поважно и фактот дека Ирска е еден од гласните и јасни гласови на разумот и правичноста во рамките на ЕУ кога станува збор за процесот на проширувањето“, рече Муртезани.