Муцунски: Сакаме средби со Бугарија, но не правиме отстапки
13 јуни 2025Северна Македонија уште чека повратен сигнал од Бугарија за можна средба на високо ниво на маргините на самитот на НАТО во Хаг на крајот на јуни. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека што се однесува до нив - очекуваат повеќе средби и редовна комуникација со Софија.
Се чека потег од Софија
„Сакаме средба и средби и комуникација, бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, кои што нас не засегаат во билатералните односи. Секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за добробит на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, рече Муцунски на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто.
Ваквиот став тој му го пренел во телефонски разговор и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев.
„Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив - не иритира создавањето на наратив на жртва, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на постојаната билатерализација на нашиот европски пат“, вели Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на престојниот Самит на НАТО во Хаг. Тој најави дека на самитот ќе оди претседателкатаГордана Сиљановска Давкова.
Откако деновиве стана извесно дека во Хаг нема да замине бугарскиот претседател, Румен Радев, за македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО, иако таа е подготвена за разговор со Радев, со кој веќе имаше неколку средби.
„Не зависи од мене, туку зависи од нашите соседи“, вели претседателката.
„Не е само до Бугарија“
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на прес-конференција во Скопје рече дека Европската Унија јавно кажува дека го поддржува проширувањето кон Западен Балкан, но зад затворени врати на состаноците на 27 земји-членки, државите кои го поддржуваат проширувањето се малцинство. Тој нагласи дека доколку се искрени во намерата дека сакаат да влеземе во Унијата, не би чекале 20 години на полноправно членство.
„Бугарија навистина отворено ги попречува вашите настојувања за интеграција, но вие не чекате заради тоа 20 години во редот, заради тоа што Бугарите се спротивставуваат. Не лутете се, но морам да кажам дека ситуацијата во врска со тоа е многу потешка. Во овој момент оние држави-членки во ЕУ коишто го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство“, изјави Сијарто.
„Ние искрено го поддржуваме Западен Балкан, и затоа сме во малцинство во ЕУ затоа што не треба да се залажуваме дека поголем дел од државите-членки кога доаѓаат кај вас, вака јавно Ви зборуваат со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во Еврпската Унија. Но кога остануваме сами зад затворени врати, ние 27-те земји-членки, тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто ЕУ не би можела да се проширува кон Западен Балкан. Но нормално и во иднина тоа ќе го демантираат и во иднина ќе зборуваат многу убаво, но доколку сериозно мислат, не мислите ли дека 20 години треба да се чека на зачленувањето“, рече Сијарто.