Муцунски: Очекуваме разбирање од ЕУ, направивме куп отстaпки
14 април 2025Актуелниот статус на македонското ЕУ-досие, заемната посветеност за надминување на предизвиците и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес, биле во фокусот на вчерашната средба на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Средбата се одржа во Луксембург, на маргините на неформалната вечера во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ.
„На средбата заеднички ја потврдивме посветеноста на Владата кон реформската агенда и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата - што дополнително ја потврдува нашата стратешка ориентација и трасира кредибилен и веродостоен пат кон полноправно членство во ЕУ. Притоа, уште еднаш ја нагласивме неопходноста од што поскоро започнување на преговорите со Унијата“, објави шефот на македонската дипломатија на неговиот профил на Фејсбук.
На средбата со еврокомесарката Кос разговарале и за трагедијата во Кочани.
„Изразив искрена благодарност за поддршката што ЕУ ја покажа кон македонскиот народ - како преку директната помош од земјите членки, така и преку брзото активирање на Европскиот механизам за одговор на кризи“, сподели Муцунски.
Пред состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија, тој ги посочи македонските очекувања.
„Очекуваме разбирање за огромниот број отстапки што ние како држава ги имаме направено во последните 30 години. И очекуваме разбирање дека за кредибилитетот на политиката на проширување, потребно е да се најде начин како ние да ги започнеме пристапните преговори“, изјави тој за ТВ „Алфа“ од Луксембург.
Наведе дека покрај дијалог со европските институции, се води дијалог и со земјите членки. Муцунски денеска ќе има средба и со министерот за надворешни работи на Луксембург и вицепремиер Хавиер Бетел.
Нема да промениме нешто во нашето мислење
Додека Македонија очекува разбирање по сите направени отстапки, официјална Софија не се смета за пречка на македонскиот интегративен пат. Оттаму потенцираат дека условите од кои зависи интеграцијата, се плод на европски консензус.
„Бугарија има многу јасно структурирана позиција по прашањето за проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан, европската интеграција, безбедноста на регионот, вземните прекугранични односи“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев во емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR.
„Од наша страна, мислам дека нештата се кристално јасни. Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година. Оттука натаму се што би можело да биде направено како заеднички принос на сите држави кои сме се обединиле околу тој европски консензус - е добредојдено. Но треба да се знае дека членство во ЕУ базирано на заслуги е еден фундамент на целата ЕУ, околу кој и ние како Бугарија сме се усогласиле пред 20 години, кога сме биле во нашиот процес на европска интеграција. Тоа го очекуваме и од останатите“, порача Георгиев.
Уставните измени се прв, а не единствен услов
„Многу е важно да се знае дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов“, потенцира шефот на бугарската дипломатија.
Како што рече, ова го посочува во случај да постои евентуална цел - доколку уставните измени се случат, а потоа се јават и останатите услови од европскиот консензус - дека тогаш некој може да каже „ете, ви кажавме ли дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“.
„Прво, не се Бугарите, туку е Брисел. Целата ЕУ стои зад тој консензус. Тоа е многу важно и е услов кој треба да се повторува постојано. И второ, во тој европски консензус се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, придржувањето кон договореното за доброседството... Сето тоа треба да биде факт. Во спротивно, нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците од Советот. А додека тоа не е факт, нема да може да се пристапи кон отворање на првиот кластер кој се однесува на човековите права. Откако ќе видиме уставни измени, се надеваме, да - тоа тогаш ќе го отвори патот и почнува процесот, кон кој, природно, се пристапува со она што го кажав - базирано на заслуги. Државата која е кандидатка за член на ЕУ треба да ги исполнува условите кои самата Унија и ги поставува. И во тоа нема никаква билатералност, нема никакво отворено меѓудржавно прашање, туку напротив, тоа се однесува на процесот на присоединување“, рече Георгиев.
На оценката на водителката дека „овој аспект отсуствува од дебатата во Скопје, каде пред македонското општество уставните измени се претставуваат како единствен, а не како прв услов“, Георгиев вели дека тој постојано посочувал на тоа.
„Затоа постојано им напоменувам и на колегите, сосема добронамерно, навистина не сакам да помислам дека тоа се прави тенденциозно, со некоја задна мисла. Напротив, си има црно на бело многу јасно поставени услови, низ кои поминува процесот“, изјави тој.
Правилното, потребното, цивилизираното
Прашан дали се променило нешто во однoсот кон Бугарија, по помошта што Бугарија ѝ ја пружи на Македонија по трагедијата во Кочани, Георгиев потенцираше дека „претпочита таа тема да не биде во контекст на политички разговор“.
„Сè што направивме, направивме од срце, без евентуално барање на некаква потенцијална политичка дивиденда. И политичарите се луѓе, така што, ако кај нив тоа оставило некаков чисто човечки печат, сигурен сум дека ќе биде видливо и во нивните политички дејства. Важно е да се знае дека Бугарија постапи по совест и сметаме дека тоа е правилното, потребното, цивилизираното. Не само затоа што сме соседни земји, не само затоа што сме братски народи, туку затоа што таму имаше луѓе на кои им требаше помош, покрај кои не можевме да поминеме со невнимание“, рече тој.
Споед министерот, од тоа се раководеле и бугарските лекари, и оние кои биле на терен, и оние кои во болниците продолжуваат да се грижат за повредените. Прашан за долгите редици бугарски граѓани кои даруваа крв, редици какви што немало во другите земји кои исто така примија повредени, рече дека тоа е сигнал сам по себе, без потреба посебно да се објаснува.
„Сите видоа каква е реакцијата на бугарскиот народ, севкупно, не само како институции, како држава, па ако сакате и како приватни комании. Затоа што имаше еден мобилен опратор кој на семејствата на повредените што се лекуваат во Бугарија им достави апарати со сим картички, за да можат да разговараат бесплатно меѓу себе и со роднините од другата страна на границата. Овде има едно длабоко хумано разбирање и однос кон настанатата ситуција и мене лично како Бугарин тоа ме прави да се чувствувам многу горд, со реакцијата на мојот народ и на мојата држава“, изјави шефот на бугарската дипломатија.