Може ли Стармер да посредува помеѓу Вашингтон и Киев?
1 март 2025По невидениот скандал во Белата куќа меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, британскиот премиер Кир Стармер се позиционира како градител на мостови. Тој ги покани европските шефови на држави или влади на самит за Украина во Лондон во недела (2.03), а веќе денеска во Лондон го пречекува украинскиот претседател Зеленски.
Стармер вчера разговарал со Зеленски и со Трамп по телефон, соопшти кабинетот на британскиот премиер откако украинскиот претседател предвреме си замина од Белата куќа. „Тој ја задржува својата непоколеблива поддршка за Украина и прави сѐ што може за да се најде пат кон траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина“, изјави портпарол на Даунинг стрит.
За разлика од многу други европски политичари, Стармер не ја изрази веднаш својата поддршка за Зеленски преку социјалните мрежи. Британските медиуми ова го протолкуваа како обид за посредување меѓу САД и Украина. За време на посетата на Вашингтон оваа недела, британскиот премиер се одлучи за хармонија со американскиот претседател.
Жестоката вербална расправија пред камери
Зеленски и Трамп, како и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, во Вашингтон имаа жестока вербална расправија пред камери. Планираните разговори и потпишувањето на договор за експлоатација на суровини во Украина пропаднаа.
Покрај Зеленски, на самитот во Лондон во недела се очекува да присуствуваат и германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, други шефови на држави или влади, како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.