Русија: Напад со Таурус ќе ја вмеша Германија во војната
17 април 2025Секој напад со крстосувачки ракети Таурус врз руски цели би се сметал за „директно учество“ на Германија во конфликтот, се вели од руското Министерство за надворешни работи. „Удар со овие ракети врз руски објекти (...) ќе биде сфатен како директно учество на Германија во борбите на страна на режимот во Киев, со сите последици што тоа ги носи“, изјави денеска (17.04) портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, цитирана од руските агенции.
Веројатниот нов германски канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) пред неколку дена најави можна испорака на крстосувачките ракети Таурус во Украина во координација со европските партнери.
Меѓутоа, во идната коалиција во Германија мислењата околу ова прашање се поделени. Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш вчера за РТЛ и НТВ потврди: „Ние отсекогаш сме биле против тоа.“ Мирш укажа на заклучоците на пратеничката група на СПД. „Претпоставувам дека не сакаме да придонесеме за ескалација, дека не сакаме да станеме воена страна“, ги повтори тој грижите на Социјалдемократите. Тоа, според него, се „причини кои доведоа до тоа да не испорачуваме Таурус. И очекувам да остане така“. Министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) неодамна нагласи дека за ваквата одлука улога одиграле и доверливите информации, продолжи Мирш. „Претпоставувам дека Фридрих Мерц, кога ќе биде целосно информиран од службите, многу јасно повторно ќе ги одмери работите“, додаде генералниот секретар на СПД. Потоа, ЦДУ/ЦСУ и СПД ќе донесат заедничка одлука, најави тој.