Москва и Киев разменија затвореници
9 јуни 2025Русија и Украина започнаа нова размена на затвореници, која беше договорена на почетокот на месецот во Истанбул за време на директните преговори меѓу претставници на Киев и на Москва за постигнување прекин на огнот во војната. Министерството за одбрана во Москва објави дека првата група руски војници под 25 години е ослободена од украинско заробеништво. Сличен број затвореници беа предадени на Украина за возврат. Министерството не го прецизираше точниот број. Киев ја потврди размената.
Според информациите од Москва, руските војници моментално се наоѓаат во Белорусија и таму добиваат медицинска помош.
„Нашите луѓе се дома“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на платформата X. Меѓу повратниците, покрај младите војници, има и сериозно повредени. Зеленски не прецизираше конкретен број. Според него, процесот на размена е поврзан со потешкотии.
Сепак, тој очекува дека договорот постигнат во Истанбул ќе биде целосно спроведен. Неодамна, имаше спорови меѓу Москва и Киев околу времето на размена.
Размената беше договорена на преговорите
Во втората рунда преговори меѓу руските и украинските претставници во Истанбул пред една недела, двете страни се согласија за размена на затвореници и тела на паднати војници. За време на разговорите, двете страни се согласија првенствено да разменуваат млади војници на возраст меѓу 18 и 25 години, сериозно повредени или болни воени заробеници. Ова би можело да вклучува повеќе од 1.000 луѓе од секоја страна. Размената првично се очекуваше за време на викендот. Украина се брани од руската инвазија повеќе од три години.