Писториус најави масивна испорака на оружје за Украина
11 април 2025Сојузниот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) и неговиот британски колега Џон Хили ја истакнаа посебната важност на воздушната одбрана на состанокот на Контакт групата за Украина во петокот во Брисел. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет виртуелно се приклучи на состанокот, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) на состанокот на Контакт групата за Украина во Брисел најави уште еден пакет со оружје од Германија. Не постојат укажувања за намален интензитет во борбите, објасни Писториус, поради што тој смета дека е потребна натамошна воена поддршка за Украина. Само на тој начин би се расчистил патот за мировно решение.
Според информациите, годинава ќе бидат испорачани уште четири системи „ИРИС-Т“ плус 300 наведувани ракети и 100 радари за копнено набљудување. Дополнително, ќе бидат испратени уште 100.000 парчиња артилериска муниција, 300 извидувачки беспилотни летала, 25 пешадиски борбени возила Мардер, 15 борбени тенкови Леопард 1А5, 120 копнени системи за воздушна одбрана од типот MANPADS и 14 артилериски системи.
Понатамошни испораки во наредните години
По постигнатиот коалициски договор меѓу СПД и Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Писториус зборува за масовно зајакнување на Бундесверот. „Ние сме на почеток на нова ера и ќе треба да се докажуваме во наредните години“, рече тој. „Зависи од тоа дали ќе успееме да станеме способни за одвраќање и за одбрана – и тоа да го направиме одлучно и за релативно кратко време."
Во изминатите денови, на Украина ѝ се испорачани 30 дополнителни наведувани ракети „Патриот“ од сопствените залихи на Бундесверот. Вкупно на располагање сега стојат дополнително околу единаесет милијарди евра. Во наредните години ќе следуваат дополнителни системи „ИРИС-Т“ и стотици дополнителни радари за копнено надгледување.
Писториус изрази изненадување од извештаите за проблеми со германското оружје во Украина. „Со чудење ги читав извештаите“, изјави тој на маргините на средбата во Брисел, додавајќи дека бил во „редовен контакт со нашите украински партнери и не сум добил вакви извештаи или поплаки за нашиот материјал“.
Медиумите НДР, ВДР и Зиддојче зајтунг претходно објавија, повикувајќи се на интерен документ на Бундесверот, дека украинската армија има големи проблеми со германската воена опрема.
И Лондон испраќа оружје
И Велика Британија најави зголемување на воената поддршка за Украина. Во заеднички напор со Норвешка, повеќе од 500 милиони долари ќе бидат инвестирани во обезбедување на воени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и во договори за поправка и одржување на оклопни возила, објави владата во Лондон.
На состанокот кој за прв пат го организираа Германија и Велика Британија во седиштето на НАТО во Брисел, присуствуваа претставници од околу 40 земји. САД се откажаа од својата водечка улога во групата по смената на претседателот. Министерот за одбрана Пит Хегсет беше приклучен на состанокот преку видео врска.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров даде информации за ситуацијата на фронтот и кажа која одбранбена опрема моментално им е најитно потребна на неговите вооружени сили. Според Умеров, важно прашање е зајакнувањето на воздушната одбрана на неговата земја. На Украина и треба доволен број модерни системи, како што е типот Патриот, напиша тој на социјалните мрежи.
Неодамна во воените кругови беше кажано дека Украина ќе се соочи со сериозни воени тешкотии најдоцна до крајот на летото доколку партнерите не ветат дополнителна воена помош.