Средба на НАТО: Последни подготовки за големото вооружување
5 јуни 2025Марк Руте не е човек кој јавно покажува недостаток на самодоверба. Како генерален секретар на НАТО, настапува опуштено и самоуверено и сака да оддава впечаток на силна и обединета алијанса и одвнатре и однадвор. Толку самоуверено како пред денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, сепак не се изразил до сега. НАТО е најмоќниот одбранбен сојуз во историјата на светов, рече Руте, „помоќен од Римското царство“. Реченица како искована во камен, алузија на империјалниот врв што го достигнале Римјаните. Руте сепак го изостави падот на Рим под растечкиот притисок врз неговите надворешни граници од напаѓачи од исток - Хуни, германски племиња, Персијци. Тој дел е за оние со сомнежи во Алијансата.
Обезбедување преку одвраќање
Обезбедувањето на источната граница преку одвраќање ќе биде доминантна тема меѓу министрите за одбрана на Алијансата денеска во седиштето во Брисел. Ќе има последни и што е можно поконкретни координации во врска со заедничките цели за вооружување, за да може на самитот на НАТО во Хаг за три недели да бидат усвоени идните планови на НАТО.
Тема се и петте проценти на Трамп
Старата цел од два проценти од БДП за одбраната во иднина би можела да биде заменета пет, односно секоја земја-членка да се обврзе пет проценти од својот бруто домашен производ, да инвестира во одбраната. Идејата е на Доналд Трамп кој ја соопшти во јануари без претходна консултација со партнерите. „Луда идеја“ или „тотално илузорна“ беа првичните реакции во Алијансата. Се чинеше дека бројката си ја извлекол од ракав со оглед на тоа дека речиси една третина од членките на НАТО сè уште не ја исполнуваат ниту актуелната цел од два проценти. Нејасно остана и дали самиот Трамп воопшто очекуваше да биде сфатен сериозно. Сепак се чинеше дека барем Руте сериозно го сфатил предлогот. Или поточно, се преправаше дека го сфаќа така.
Трошоци за инфраструктура
За да се дојде до бројката од пет проценти, наведуваат од седиштето на НАТО, може да се додадат 1,5 проценти трошоци за инфраструктура, како што е проширување на патишта и мостови кои може да ги користи и војската. Особено за логистички централни земји како Германија, со мисија да обезбедат непречен транспорт на војници и тенкови, тоа е значителен придонес. Тогаш 3,5 проценти би останале за директни трошоци за одбрана, како оружје, муниција и плати за војниците - експерти сметаат дека ова сепак би бил огромен влог за алијансата, но изводлив. Зад таквата пресметка лежи надежта дека Трамп би можел да го смета прифаќањето на неговата цел од страна на Европјаните и Канаѓаните како личен триумф и - што е поважно - дека ќе се откаже од заканите да ја остави Европа на цедило со заканата од Русија под претседателот Владимир Путин.
Писториус претпочита да се зборува за нужното
Дали петте проценти на крајот ќе влезат црно на бело во финалниот документ од самитот во Хаг сè уште не е извесно. Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, претпочита помалку да се разговара за проценти, а повеќе за тоа што е потребно на воен план. На самитот мора да се преговара за тоа „што е потребно и што е изводливо“, рече тој. Тој си посакува преговори „меѓу возрасни луѓе“. Писториус со 31 колеги министри за одбрана на Алијансата, сака на состанокот во Брисел финално да утврди што всушност е нужно. Станува збор за конкретни воени капацитети за одвраќање и одбрана. Анти-ракетна одбрана, транспортни капацитети, системи за оружје со долг дострел и модерна технологија за беспилотни летала - секоја земја ќе добие координирани цели за планирање, во зависност од ситуацијата и досегашниот профил. За Германија се дискутира и за зголемување на бројот на војници. Клучна улога во сите планови за наоружување сепак ќе има прашањето какви капацитети Европејците би требало да заменат во случај на нужда, односно капацитети кои што до сега САД ги покриваат во Алијансата. Дури и ако Трамп се смири со петте проценти, на Европјаните им е јасно дека треба да бидат во состојба во случај на нужда и самите да си се погрижат за безбедноста на континентот.
Авторка на текстот: Хелга Шмит, АРД, Брисел