Шефови на дипломатии на Г7: макотрпно постигнат компромис
15 март 2025Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок покажа видливо олеснување по својот најверојатно последен состанок на министрите за надворешни работи на Г7. „Тоа беше навистина добар ден“, рече таа за договорот постигнат по дводневните преговори „Оттука, од Г7, излегува многу јасна и недвосмислена порака: ние цврсто стоиме зад Украина и нејзиниот територијален интегритет и слободата која таа храбро ја брани секој ден – и со тоа ги брани и слободата и мирот на Европа.“
И покрај промената на курсот од страна на американската администрација под Доналд Трамп, европските членки на Г7 - Велика Британија, Италија, Франција и Германија - успеаја да ги исполнат нивните клучни барања.
Од Русија се бара да се согласи на прекин на огнот - како што веќе направи Украина. Во спротивно, ѝ се закануваат нови санкции.
Во заедничкото соопштение се наведува дека на Украина ѝ се потребни „силни и веродостојни“ безбедносни гаранции за периодот по завршувањето на војната за да се одвратат или одбијат нови агресии.
Русија не е наречена „агресор“
„Сега на ред е Путин“, рече Бербок. „Сѐ уште не е сè јасно. Но, во првите реакции од Москва гледаме дека наместо јасна посветеност на мирот, доаѓаат нови проектили, условеност и одложувања.“
За американскиот државен секретар Марко Рубио ова беше прва средба со колегите од Г7. Рубио претходно предупреди на преостра реторика кон Русија. Затоа, во заедничката изјава се избегнува досегашната формулација со која Русија се нарекува „агресор“ - што може да се смета за успех за Рубио.
САД, исто така, можат да бидат задоволни, рече Рубио. „Не дозволивме нашите несогласувања - а сигурно ги има некои - да ја загрозат нашата блиска соработка“.
Тој изјави дека се чувствува многу добро по договорот и претпазливо оптимистички додаде дека и Русија би можела да се согласи на прекин на огнот. Меѓутоа, тој призна дека ситуацијата е тешка и сложена и дека нема да биде лесно.
Не се споменува решение за две држави на Блискиот Исток
Во однос на Блискиот Исток, Рубио успеа да се постигне во финалниот документ веќе експлицитно да не се споменува решението со две држави. Наместо тоа, се користи поопшт термин „политички хоризонт за Палестинците“.
Исто така, на барање на Рубио, формулацијата за Кина е построга отколку во претходните документи на Г7.
Иако не беше на дневен ред, темата за царините на Трамп и претстојната трговска војна со западните сојузници беше сеприсутна. Шест од седумте економски сили изразија јасни позиции кон САД, нагласи германската министерка за надворешни работи. „Уништените или нарушените економски односи меѓу Европа и Америка на крајот би имале само еден победник - а тоа би била Кина“, рече Бербок.
Самит на Г7 во јуни - повторно со Доналд Трамп
Осврнувајќи се на заканите на Трамп за анексија на делови од Канада, Бербок – на задоволство на канадските медиуми – испрати јасна порака: „Границите се неповредливи. Во Украина, во Гренланд, во Панама, во Канада. Каде било во светот“.
Отворениот конфликт меѓу земјите од Г7 беше избегнат во Квебек - веројатно и затоа што Марко Рубио беше помалку конфронтирачки од неговиот шеф во Белата куќа. Дали постигнатите договори ќе опстанат ќе се види најдоцна на самитот на лидерите на Г7 во средината на јуни, на кој за првпат повторно ќе се појави Доналд Трамп.