Ќе добие ли Скопје градски воз, еколошки автобуси и трамвај?
20 јуни 2025Дали Скопје конечно ќе добие современ градски превоз, којшто ќе ги реши проблемите со коишто секодневно се соочуваат граѓаните поради преоптоварениот сообраќај низ градот? Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски вели дека градски воз, замена на автобусите со еколошки и трамвај, се трите проекти кои му се неопходни на главниот град за значително подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.
„На помалата верзија за проектот градски воз работиме со сопствени средства, а подолгата верзија влегува во овој така наречен ’британски проект“. Значи дел од брзата пруга ќе е и големата верзија на градски воз во Скопје“, рече Николоски во гостувањето во „Само Интервју".
На чекор до набавка на 120 еколошки автобуси
Тој информираше дека во однос на вториот проект, излезе повикот за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои што 80 ќе бидат за Скопје.
„Третата работа која што му треба на Скопје е дефинитивно трамвај. Ги направивме ли овие три работи, мислам дека најголем дел од загадувањето од возилата ќе се намали. Вториот е со загревањето, за тоа премиерот веќе најави една поамбициозна агенда, каде што ќе се обидеме да донесеме парно греење до најголем дел од домаќинствата“, истакна Николоски.
Владата на Северна Македонија во април годинава донесе одлука за набавка на 120 еко автобуси, од кои 80 ќе бидат дадени на ЈСП „Скопје“, а останатите 40 ќе бидат распределени по други градови, откако Советот на Град Скопје и по повеќе обиди, не избоксува одлука за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) и за набавка на еко-автобуси, со цел да се реши сообраќајниот хаос во градот, но и да се намали енормното загадување.
Трамвајот само пуста желба
Во Скопје имало трамвај на крајот на 19 век, но на прагот на 21 век тој е само пуста желба за жителите на главниот град. Според податоците објавени на Википедиа, првиот трамај во Скопје започнал со работа во 1884 година и функционирал со коњска влеча, а подоцна биле набавени уште неколку трамваи и била воспоставена трамвајска линија на шини која се движела од Камен мост до Дебар Маало.
Изминативе три децении имаше различни иницијативи и најави - но ниту една од нив не беше реализирана. Коце Трајановски и Трифун Костовски, како поранешни градоначалници најавуваа идеи и студии за изградбата на шинскиот превоз, а на крајот на декември 2018 година идејата беше актуелизирана и од поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Тогашните проценки беа дека изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра.