Мигранти во САД: Чикаго на нишанот на ИЦЕ
9 септември 2025Владата на Трамп го најави почетокот на засилениот ангажман на имиграциската служба на САД - ИЦЕ во Чикаго. Според Министерството за внатрешна безбедност, акцијата е насочена кон „криминални илегални странци“. Министерството не даде детали за тоа како точно ќе се одвива акцијата. Претседателот Доналд Трамп постојано најавуваше дека ќе ја испрати Националната гарда во Чикаго за борба против криминалот. Засега не е јасно дали војниците од Националната гарда ќе ги придружуваат службениците на ИЦЕ.
Остри критики кон Трамп
Со овој потег, Трамп го заострува конфликтот со Илиноис, сојузна држава со демократско мнозинство. Градоначалникот на Чикаго, демократот Брендон Џонсон, напиша на социјалната мрежа X дека градските власти не биле информирани од владата за засилените мерки поврзани со миграцијата. Градот и понатаму отфрла милитаризиран пристап без соодветна постапка. Тој додава дека службениците на ИЦЕ во минатото апселе и депортирале американски државјани, притоа кршејќи ги нивните човекови права.
Демократскиот гувернер на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, исто така реагираше огорчено и упати сериозни обвинувања кон претседателот. Тој на X напиша дека целта на овој потег на неговата администрација не е борба против криминалот. „Наместо да преземат мерки за соработка со нас по прашањето на јавната безбедност, администрацијата на Трамп се фокусираше на вознемирување на жителите на Илиноис.“
Правна победа пред Врховниот суд
Ангажманот на ИЦЕ во Чикаго потсетува на постапката на владата на Трамп во Калифорнија. И таму беше интензивиран ангажманот на имиграциската служба, а Националната гарда, па дури и маринци, беа испратени во Лос Анџелес. Оваа сојузна држава на западниот брег исто така е управувана од членови на Демократската партија. Обидот на државните и градските власти да се спротивстават на наредбите на Трамп со правни средства беше само делумно успешен.
Врховниот суд неодамна ги поддржа одлуките на федералната влада. Судот ја прифати преставката на Министерството за правда и привремено ја суспендираше претходната судска наредба за Јужна Калифорнија. Таа наредба им забрануваше на службениците на имиграциската служба да запираат или апсат луѓе без доволно сомневање за нелегален престој. Одлуката на понискиот суд им забрануваше на службениците, меѓу другото, да се потпираат на бојата на кожата, етничката припадност или акцентираниот англиски или шпански јазик.
Владата на Трамп веднаш најави дека ќе продолжи со „мобилните патроли“ на маскирани и вооружени службеници.