Мицкоски: Се гледаат првите индикатори дека одиме на добро
21 мај 2025Претстојните инвестиции во инфраструктурата и здравството, како први проекти кои стартуваат наесен по утрешното потпишување на договорот Влада со Влада меѓу Македонија и Обединетото Кралство во Владата ги оценуваат како стратешки и трансформациски за државата. Ако се има предвид и тековната поддршка за општините и домашните компании преку заемот од Унгарија се очекува земјата да стане големо градилиште. Според експерти, клучно е ако се инвестира во крупни проекти, како што е железничкиот транспортен и патнички соообраќај, на стратешки важниот Коридор 10.
Од опозицијата и претходно и сега критикуваат за нетранспарентност околу договорите, односно за потеклото на средствата што би биле ставени на располагање за задолжување на земјата. Премиерот Христијан Мицкоски изрази зачуденост од критиките за капитални инвестиции.
„Сè уште не можам да се изначудам на некои коментари што доаѓаат од опозицијата, а најмногу се чудев кога коментарот оттаму беше дека се задолжуваме за капитални инвестиции. Јас навистина не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека не одат добро. Мислам дека на Македонија ѝ е потреба квалитетна опозиција, конструктивна, која со тоа што го артикулира како порака, практично ќе додава вредност, а не да изгледа, би рекол, на моменти и смешно“, рече Мицкоски.
Нема ризик врз буџетот
Критики претходно имаше и за заемот од Унгарија, а сега и за недостиг на информации околу критериумите под кои домашни компании или општинии добиваат пари од тој заем.
„На пример, за парите кои што стигнаа од Унгарците немавме и јавноста, ама апсолутно никакви информации. Транспарентноста е еднаква на нула. Кои компании ги земаат, на кој начин, по кои критериуми? По кои критериуми ги добиваат општините тие пари?“, праша Филипче и побара Владата да одговори на тие прашања.
„Средствата обезбедени од унгарскиот заем за поддршка на домашната економија, односно домашните компании, се одвива врз основа на услови кои транспарентно се објавени и нема ризик врз буџетот", изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Kочоска на Радио Лидер.
„Условите под кои се одобруваат кредитите се транспарентно објавени. Парите не ги дава Развојната банка, туку комерцијалните банки кон крајните корисници – компаниите. Кредитите ги одобруваaт комерцијалните банки, тие процесираат и ризикот е на банките. Доколку некоја банка направи погрешна проценка, комерцијалната банка има обврска да го врати кредитот на Развојна банка, односно во буџетот“, посочи министерката за финансии.
Раст на БДП
Врз основа на првите индикатори, Владата смета дека работите одат во добра насока. На прашање за проекциите на Европската Комисија за економскиот раст на Македонија, премиерот вели дека растот се темели на реализација на инфраструктурните капитални проекти, како и на зголемена потрошувачка, што е резултат на порастот на платите.
„Тој е позитивен, со позитивни изгледи за државата, иако јас сум оптимист дека ќе биде и поголем. Минатата година, кога бевме избрани како Влада, Светска банка предвидуваше 1,8% раст. Ние тоа го натфрливме со 70-тина проценти, имавме раст од 2,8%. Третиот квартал, минатата година беше 3%, четвртиот 3,2%, а овој очекувам растот да биде помеѓу 3,5% и 4% на брутодомашниот производ“, очекува премиерот Мицкоски.
Очекувањата ги темели на дел од досегашните индикатори.
„Една сме од ретките, можеби единствена во земја регионот, која што има раст на индустриското производство, во првиот квартал. Имаме раст на туризмот. (...) Во првиот квартал од оваа година имаме раст од повеќе од 10% на основа на број на туристи и на основа на ноќевања. Имаме раст во аутпутот во земјоделието. Имаме раст и во завршените градежни работи. Потрошувачката е двоцифрен раст. Имаме раст на директните странски инвестиции, раст на извозот“, наброи премиерот. Иако има криза во автомобилската индустрија, тоа според Мицкоски не ја погодува Македонија.
„Првите индикатори дека одиме на добро веќе јасно се гледаат“, оцени Мицкоски.
„Очекувам во првиот квартал од оваа година да бидеме помеѓу 3,5% и 4%. Инфлацијата е во март 2,7% на годишно ниво, а на месечно е -1. 3%. Во април беше 2,6% на месечно ниво 0,6%. Така што, ако ги гледаме сите овие индикатори, можам да дојдам до заклучок дека сум уште поголем оптимист и дека има шанси да ја завршиме годината со оние проекции кои што ги имавме со раст поголем од 3,5%“, смета премиерот.
Паричникот ќе каже
Голем дел од граѓаните не ги разбираат овие бројки. Велат дека паричникот најточно им покажува дали нештата тргнале кон подобро. За нив е значајно донесувањето на Законот за работно ангажирање на лица, бидејќи тој има дава нови можности. Согласно со законот, работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос; вработено лице; самовработено лице; лица помлади од 18 години кои согласно со општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос; студенти; корисници на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот; и странец кој има регулиран престој согласно со закон.
Со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани нема да ги загубат стекнатите права, односно не им се прекинува правото на пензија, на социјална помош, на студирање... Предност ќе имаат угостителството, земјоделството и услужната дејност каде има недостиг на кадри.